Со пароли „Преку матурава ми е“, дел од средношколците во неколку училишта низ Македонија изразуваат револт против новиот модел на државна матура кој вклучува и задолжително полагање на математика како трет предмет. Учениците по часовите во периодот меѓу смените одржуваат мирни собири во школските дворови со пароли во рацете. Тие велат дека нема да има бојкот на наставата, но ќе продолжат да го искажуваат своето несогласување со новите измени во образованието.
Ние сме всушност против новиот концепт за полагањето на матура, начинот, математиката како задолжителен предмет и сите постапки, електронското, па различни денови, термините се исто дискутабилни.Теано Кардула, Средношколскиот пленум.
Од Средношколскиот пленум велат дека барањата се финализирани и наскоро ќе ги достават до Министерството за образование и наука и потоа во зависност од нивниот одговор ќе одлучат како ќе делуваат во иднина.
„Финализирани се, значи бараме укинување на екстерното, поради тоа што сметаме дека ако намерата првично беше да се проверат професорите, а откако се укинаа казните со последните протести на наставниците, тогаш не гледаме која е целта на екстерното и враќање на стариот закон за матура. Ние сме всушност против новиот концепт за полагањето на матура, начинот, математиката како задолжителен предмет и сите постапки, електронското, па различни денови, термините се исто дискутабилни“, вели Теано Кардула од Средношколскиот пленум.
Ние не сме само против математика, ние сме против новиот концепт на матура. Како реформа е избрзана бидејќи ние како средношколци не можеме да ја постигнеме имплементацијата.Ученик од скопската гимназија Орце Николов.
Учениците од средното училиште во Скопје „ Орце Николов“ велат дека ова не се протести, туку само изразување на револт со новиот концепт на матура.
„Ние не сме само против математика, ние сме против новиот концепт на матура. Како реформа е избрзана бидејќи ние како средношколци не можеме да ја постигнеме имплементацијата. И за електронското тестирање, каде 7 пати нè тераат да полагаме и за математиката за чие полагање треба долго време за подготовки, а ова брзо донесување значи дека нема да имаме време за подготовка“, вели ученик од „Орце Николов“.
Наставничкиот пленум преку соопштение изрази поддршка за заложбите на средношколците за поквалитетно образование. Во соопштението е наведено дека воведувањето на математиката како задолжителен предмет во матурата ги дискриминира учениците коишто ја имаат математиката како изборен предмет во трета и четврта година. Дополнително проблем се јавува и кај средношколците кои изучуваат различни програми по математика како средното економско училиште каде се изучува економска математика која не се изучува во другите училишта. Со тоа се нанесува неправда и се ограничува можноста на учениците од одредени насоки како на пример биохемиска, јазична или уметничка, рамноправно со матурантите од другите средни училишта да учествувате во полагањето на државна матура и да го заокружите своето средношколско образование под исти услови.
Во соопштението на Наставничкиот пленум се вели дека „барањето на средношколците за поништување на концептот на екстерно тестирање е јасен показател дека тие длабоко свесни за штетата која ја трпи секој еден ученик преку озваничување на оценката од еден тест и дека таа оценка не е показател на нивните постигнувања во текот на учебната година“.
Повисоките оценки добиени нереално, само создаваат лажна слика за вашите постигнувања и ја искривуваат сликата за степенот на вашите постигања, но и го слабнат чувството на одговорност кај секој поединец кој допрва треба да гради свој живот и да создава во одредени општествени услови. Пониската оценка добиена нереално, му нанесува штета на ученикот со несогледиви последици, одземајќи му ја можноста да се запише на посакуваниот факултет и да го оствари животниот сон. Никаде во светот резултатите од екстерните тестови не се поврзани со успехот на учениците и не влијаат врз истиот, е наведено во соопштението.
Од ресорното министерство сè уште не ги коментираат средношколските протести, а воведувањето на математиката како дел од државната матура неодамна го правдаа поради слабиот успех на учениците по овој предмет и потребата за упис на техничките факултети кои според надлежните се конкурентни на пазарот на труд.