Достапни линкови

Неделниците пишуваат за бомбите и прислушувањето


Фокус објавува ексклузивно интервју со Кежаровски и ги анализира „бомбите“. Република исто така анализира дел од „бомбите“ на Заев, а Глобус пишува за „Култ на самоволие“ на водачот на владејачката партија.

Фокус - интервју со Кежаровски и анализи на „бомбите“

Најновото издание на Фокус објавува ексклузивно интервју со новинарот Томислав Кежаровски во кое тој детално ја објаснува голготата во затворот и заканите од обвинителката Лиле Стефанова дека ќе ги уништи и него и неговото семејство доколку не го каже изворот на своите информации за случајот „Ореше“ и за истрагата на сомнителната сообраќајна несреќа во која загина Никола Младенов.

Во каква замка влезе премиерот - Опремата на МВР не може да прислушува без да знае Мијалков!
Фокус.

Во неделникот фактографски се анализираат и неколку теми произлезени од шестата „бомба“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Меѓу нив е и текстот со наслов: „Во каква замка влезе премиерот - Опремата на МВР не може да прислушува без да знае Мијалков!“ при што авторот анализира врз основа на мислења на познавачи на техниката за прислушување на МВР.

Немало шанси, пишува авторот, техничари од Одделот за следење на комуникации, по налог од страна, а без знаење на шефот на Петтата управа, Горан Груевски, и на директорот на УБК, Сашо Мијалков, да закачат стотици телефони, да снимаат илјадници разговори, и тоа да го прават неколку години со ред. Едноставно, софтверот е таков што остава траги, а контролата се прави секојдневно. Затоа е неодржлива верзијата на власта дека наводно двајца, поточно, последните обвинети во досието „Пуч“, можеле толку лесно, по налог на Верушевски, односно неименувана странска служба, да прислушуваат, а притоа Мијалков и Груевски да останале слепи и глуви! - пишува покрај другото Фокус.

Не е важно од каде се снимките. Не е важна ниту содржината на склопените разговори. Важно е да се создаде привид дека има криминал. И дека странските инвестиции се зло. И дека, всушност, сме 1994 година.
Република.

Република - Кому му е до вистината

Во неколку текстови, Република исто така анализира дел од „бомбите“ на Заев, но од свој агол на гледање на работите. Во текстот со наслов: „Панаѓур на суети за да не пропаднат бомбите - Кому му е до вистината“, на пример, авторот, со извесна доза на иронија, покрај другото пишува: „Не е важно од каде се снимките. Не е важна ниту содржината на склопените разговори. Важно е да се создаде привид дека има криминал. И дека странските инвестиции се зло. И дека, всушност, сме 1994 година“.

Глобус - Култ на самоволие

Во колумната Таленти, во текстот со наслов: „Култ на самоволие“, во Глобус, авторот, покрај другото се исчудува како „водачот на Дпмнето, од кого вистинските вмровци бараат оставка, сè уште се занесува дека може да биде премиер и господар на државата, а деновиве започна да „остварува“ нова фаза од очајничкото и опасно сценарио само за да остане на власт. Па патува низ руралните средини во кои сè уште има поддршка и со помош на МТВ и други наши/негови/ медиуми залудно се обидува да им се додвори на граѓаните со исти празни самофалби и популистички ветувања во кои никој веќе не верува“ забележува, покрај другото, Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG