Достапни линкови

Опозициска „бомба“ за дарежлива влада


Владата најавува повеќе пари за разни категории граѓани, откако опозицијата ја активира долго најавуваната „бомба“. Може ли буџетот да ја издржи таа владина широкоградост?

Власта стана многу широкограда во трошењето државни пари за да затвори што е можно повеќе фронтови и да не дозволи излив на незадоволство на разни категории граѓани, откако опозицијата ја активира „бомбата“, односно почна да ги објавува, како што вели, доказите за криминал и злоупотреби на власта. Во ваква ситуација се наметнува прашањето колку буџетот може да ја издржи оваа „галантност“ на владата.

Владата сака предвремени избори што побрзо и затоа ќе троши многу повеќе од буџетот и нивниот план е веднаш после тие избори повторно зголемување и наметнување на нови давачки за колку-толку да ја ублажи состојбата во буџетот.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник.

Прво, под притисок на јавноста, власта го ублажи законот за плаќање придонеси за хонорарците, иако во буџетот за годинава е предвидено да се соберат 65 милиони евра за придонеси повеќе од минатата година. Во меѓувреме, владата најави дека ќе вработи три илјади луѓе во јавниот сектор, кои досега биле со хонорарни договори, завчера им беа исплатени субвенциите на лозарите, а беше објавен и повик за субвенционирање занаетчии.

Деновиве јавноста беше информирана за нови проекти за самовработување, вработување на деца без родители, можност за предвремено пензионирање.

Очигледно е дека владата не мисли за до следните избори, туку како ќе преживее до утре, ама ова ќе има долгорочни последици врз јавните финансии, затоа што тие три илјади вработувања, мерки во земјоделието и сите други трошења на јавните финансии, ние утре треба да ги плаќаме.
Биљал Касами, економски аналитичар.

Поранешниот пратеник Слободан Најдовски вели дека власта сака што поскоро да има предвремени парламентарни избори за да ја спречи опозицијата да објави сè што има и затоа е толку „дарежлива“.

„Владата сака предвремени избори што побрзо и затоа ќе троши многу повеќе од буџетот и нивниот план е веднаш после тие избори повторно зголемување и наметнување на нови давачки за колку-толку да ја ублажи состојбата во буџетот. Како и да е, тоа е неконзистентна буџетска политика од страна на владата којашто ќе има негативни последици на подолг рок во Македонија“, вели Најдовски.

Економскиот аналитичар Биљал Касами, кој е и координатор на политичкото движење Беса, вели дека во Македонија стана правило владата да троши повеќе од што има и да го зголемува долгот за да им се додвори на гласачите, особено пред избори.

„Очигледно е дека владата не мисли за до следните избори, туку како ќе преживее до утре, ама ова ќе има долгорочни последици врз јавните финансии, затоа што тие три илјади вработувања, мерки во земјоделието и сите други трошења на јавните финансии, ние утре треба да ги плаќаме, затоа што немаме суфицит во јавните финансии, па владата да има луксуз тие пари да ги троши како сака. Значи овие пари се земаат на кредит којшто утре ќе треба да го платиме“, вели Касами.

Ако се погледнат податоците од буџетските расходи од изминатите неколку години, се гледа дека владата најмногу пари трошела во месеците пред избори и оти во предизборните месеци се прави најголемиот дел од дефицитот. Во последните неколку години, пак, владата го надминува планираниот буџетски дефицит за десетици милиони евра. Претходната година, на пример, владата потрошила 360 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки, наместо планираните 319 милиони евра. За годинава, буџетскиот дефицит е проектиран на 300 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG