Достапни линкови

Грција ќе бара воени репарации од Германија


Грција нема да го продолжи спасувачкиот пакет
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Грција нема да го продолжи спасувачкиот пакет

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека неговата земја на сака продолжување на спасувачкиот пакет. Тој додаде дека од евро партнерите ќе бара во наредниве 15 дена да биде договорена преодна програма. Таа ќе овозможи добивање време до јуни за да се преговара за нов договор за враќање на долгот.

Во неговиот прв говор во парламентот откако минатиот месец дојде на власт, Ципрас изнесе листа на потези за менување на реформите воведени од европските кредитори и Меѓународниот монетарен фонд.

Тој најави намалување на даноците за имот, зголемување на минималната плата на 750 евра, враќање на укинатите колективни договори, откажување од подигнувањето на старосната граница за заминување во пензија.

Не покажувајќи ни малку волја за да ги послуша предупредувањата од евро партнерите за да се држи до обврските за спасувачкиот пакет, Ципрас најави дека има намера целосно да ги почитува неговите предизборни ветувања со цел, како што рече „заздравување на раните од строгите мерки за штедење“.

„Грчкиот народ ни даде силен и јасен мандат веднаш да го запреме строгото штедење и да ја смениме политиката. Одлука на нашата влада е целосно да ги испочитуваме нашите предизборни заложби“, рече 40 годишниот премиер на седницата на парламентот, на која исклучи секаква можност за натамошно продолжување на пакетот по неговото истекување на 28 февруари.

Грчкиот народ ни даде силен и јасен мандат веднаш да го запреме строгото штедење и да ја смениме политиката. Одлука на нашата влада е целосно да ги испочитуваме нашите предизборни заложби.
Алексис Ципрас, премиер на Грција

„Сакаме преговори со нашите партнери за нов договор. Знаеме дека преговорите нема да бидат лесни, но ние веруваме дека правото е на наша страна“, додаде Ципрас, повторувајќи дека Грција сака да го врати долгот и оти затоа треба кредиторите да седнат на маса и да преговараат со неа.

Во обид да покаже колку е сериозен во спречувањето на нова спирала на јавни трошоци тој обелодени серија кратења на владините бенефиции, од продажба на државни автомобили и еден премиерски авион до намалување на персоналот во неговиот кабинет.

Тој на крајот од говорот во парламентот и со порака до најголемиот грчки кредитор, Германија:

„Историска обврска на новата грчка влада е да бара репарации за штетите направени од Втората светска војна. Тоа е наша историска должност“, изјави Ципрас, најавувајќи дека ќе бара од Германија да го врати принудниот заем земен од Грција во текот на окупацијата.

Според Атина, Германија и должи на Грција над 160 милијарди евра.

Расправата за програмата на грчката влада ќе трае до вторник на полноќ, по што 300 пратеници јавно ќе гласаат дали ја прифаќаат или не.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG