Достапни линкови

Фусиас - лидерите на Сириза не се националисти


Алексис Ципрас, лидерот на грчката крајно левичарска партија Сириза
Алексис Ципрас, лидерот на грчката крајно левичарска партија Сириза

Во Македонија нема големи очекувања од политичките промени во Грција. Од друга страна, професорот по меѓународна политика од Источен Лондон Василис Фусијас вели во моментов нема да има промени поради други приоритети, но, според него лидерите на Сириза се анти - националисти и во иднина има надеж за решение на името врз анти – националистичка позиција.

Нереални се очекувањата дека победата на Сириза во Грција ќе донесе нов бран затоплување во македонско-грчките односи во однос на спорот за името.

Познавачите на состојбите велат дека не постои можност новата власт во Грција да биде помека кон ова прашање, зошто се работи за тема за која постои државен консензус.

Тоа кај нив е прост консензус, и не само тоа, дури Ципрас зад него има хипотека со неговиот поранешен став кон Македонија, додека другите немаат.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Тоа кај нив е прост консензус, и не само тоа, дури Ципрас зад него има хипотека со неговиот поранешен став кон Македонија, додека другите немаат“, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Поддржувачи на Сириза.
Поддржувачи на Сириза.

Спорот за името не беше приоритет во кампањата во Грција, но ставот на победничката партија е јасен и не е ни малку поразличен од она што го слушавме досега, вели професорот Стево Пендаровски.

„Сириза на чело со Ципрас години наназад е дел од т.н. грчка црвена линија и во тој дел ќе имаме илузија ако мислиме дека тој ќе помине преку тој Рубикон на грчката политика и ќе рече нема да се држиме стриктно до позицијата која ја преведуваат како ерга омнес.“

Сириза на чело со Ципрас години наназад е дел од т.н. грчка црвена линија и во тој дел ќе имаме илузија ако мислиме дека тој ќе помине преку тој Рубикон на грчката политика.
Стево Пендаровски, универзитетски професор.

Во однос на тоа каква е позицијата на Сириза кон прашањето за името и дали може да се очекува некоја промена, зборува и професорот по меѓународна политика од универзитетот источен Лондон, Василис Фусиас.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос во Скопје.
Поранешниот министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос во Скопје.

„Не во моментот, затоа што Сириза ќе им даде приоритет на преговорите за долгот. Позицијата ќе остане иста. За жал, Сириза наследи многу лоша политика во врска со ова прашање, но ако ја видите позицијата за спорот на сите главни лидери во оваа партија ќе видите дека тоа се антинационалистички позиции што значи дека ќе му биде даден приоритет на пријателството меѓу славомакедонците и грчките Македонци, а не на тоа дали Александар Македонски бил Македонец или Грк и слични глупости. Оттука постои надеж за спорот на името врз една анти-националистичка платформа. Овие се позициите на Сириза, но во моментот работите ќе останат какви што се, зошто приоритетите се други“, вели Фусиас.

Позицијата ќе остане иста. За жал, Сириза наследи многу лоша политика во врска со ова прашање.
Василис Фусиас, професор по меѓународна политика од универзитетот источен Лондон.

Никовски потенцира дека прашањето за името засега ќе биде споредна тема во Грција која како што додава ќе се занимава со финансиските проблеми на земјата кон Европската тројка. Во тој контекст Никовски не очекува интензивирање на преговорите со Грција.

„Не само што на Ципрас нема да му паѓа на памет да менува што било кон Македонија, туку и Европа нема ништо да бара од него, бидејќи ќе водат војна во врска со кредитите.“

Во делот на билатералните односи надвор од спорот за името, впечаток на Пендаровски е дека со владата на Ципрас може да се влезе во некои други проекти на економско-трговска соработка.

„Бидејќи и во тој дел ние имам замрзната билатерала со години и можно е, не велат дека тука шансите се големи, но можно е владата на Сириза да биде пофлексибилна во тој дел.“

Експертите се убедени дека во блиска иднина нема да има зголемена иницијатива за интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и дека ќе има помалку притисоци за прашањето за името поради можните тензии и судири меѓу новата грчка влада и европската тројка.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG