Достапни линкови

„Пучот“ ги стави поплавите во втор план


Половина Македонија е под вода, но главна тема во домашните медиуми е полициската акција „Пуч“ во која е обвинет и лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Да не беа аферите со тајната снимка од разговорот Груевски - Заев во кабинетот на премиерот и во комбинација со акцијата „Пуч“ со првиот човек на опозициската СДСМ, Заев и со семејството на поранешниот шеф на тајната служба Верушевски, поплавите ќе доминираа во нашите медиуми. Вака, се чини поинтересен е сеирот за една мошне сериозна и опасна акција преземена од страна на власта која најверојатно ќе изроди голем број последици. Ама вака - дозволете малку иронија - барем повторно го предизвикавме интересот кај странците.

ЕУ со зголемена загриженост ја следи политичката ситуација во Македонија и недостигот на балансирана медиумска покриеност на настаните.
Слободен печат.

Слободен печат напиша дека по првиот шок, реакциите на странците се заоструваат. А Утрински дека „ЕУ со зголемена загриженост ја следи политичката ситуација во Македонија и недостигот на балансирана медиумска покриеност на настаните“. Токму формулацијата за неизбалансираност во информирањето на домашните медиуми, го предизвикала Дневник да се кара со Брисел, па оди со наслов: „Брисел спинува, па вели 'зини да ти кажам' - портпаролката Маја Коцијанчич избега за да одговори за 'медиумската неизбалансираност'“.

Има разлика: Заев сниман со законска дозвола, а фајловите кај него се криминални и шпионски.
Вечер.

Вечер насловува: „Германската амбасада бара фер и транспарентен процес.“ Слободен печат ја објавува изјавата на европретставникот Орав дека „На тест се државните институции и медиумите“. Вечер го објавува апелот на британската амбасада: „Партиите да направат сè за политичкиот дијалог“, а дека „Москва се надева на темелна истрага за неуспешниот обид за државен удар во Македонија“.

Утрински насловува: „Снимката од разговорот Груевски - Заев го вжешти случајот“. Истиот весник ја објавува реакцијата на СДСМ: „Снимката покажува како функционира Груевски“ и дека партијата најавила кривична пријава против премиерот за неовластено снимање. Вечер го објавува ставот на второто новинарско здружение, МАН: „Да не се објавуваат прислушкувани телефонски разговори и видеа незаконски создадени и набавени“, а Утрински ставот на главното Здружение на новинарите: „Заканите на обвинителството за кривичен прогон на новинарите кои информираат и објавуваат материјали кои можат да станат предмет на кривична постапка за организиран криминал и корупција немаат законска основа“.

Вечер однапред знае: „Има разлика: Заев сниман со законска дозвола, а фајловите кај него се криминални и шпионски“. Слободен печат смета дека „Обвинителот Зврлевски наметнува цензура која е противуставна и противзаконска“ и дека прашањето „Кој и како ги снимал Груевски и Заев и понатаму мистерија“.

Нова Македонија со текст потпишан од редакцијата прашува „За кого бијат камбаните“ апелира за консолидација и обединетост на граѓаните, а не на делби и кавги.

Вечер против Љубчо Георгиевски за билбордите низ Скопје дека се прави србизација на Македонија: „Бугаринот Георгиевски со нова провокација и поделба“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG