Достапни линкови

Договорот за Уставот Груевски-Ахмети поважен од меѓународните правила


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, се договориле за уставните измени уште при формирањето на владината коалиција и сега ги спроведуваат без оглед на меѓународните критики.

Уставните измени се политичко прашање кое е договорено меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, уште при договарањето на владината коалиција по изборите, вели министерот за правда Аднан Јашари во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела. Тој вели дека владината агенда начелно е усогласена со партиската програма на ДУИ, но по информациите во јавноста дека пратеници од ДУИ можеби нема да гласаат за уставните измени, Јашари вели дека пратениците имаат право да гласаат по сопствено убедување.

Од Ахмети и Груевски во моментот на составување на владата е договорено да се отворат овие прашања во однос на Уставот и во насока на тоа јас навистина немам што да додадам.
Аднан Јашари, министер за правда.

Тој посочува дека најголемите забелешки се во однос на тоа што Уставот се менува во услови кога најголемата опозициска партија го бојкотира парламентот, но има и забелешки од Венецијанската комисија и од Европската комисија, особено во поглед на на финансиските зони.

„Се работи за политичко прашање. Не е прашање на министерот зошто токму сега, зашто за отворање на уставни измени, за дополнување, односно измени на Уставот, е разговарано, е усогласено во моментот кога е составена оваа влада од овие два коалициони партнери. Од Ахмети и Груевски во моментот на составување на владата е договорено да се отворат овие прашања во однос на Уставот и во насока на тоа јас навистина немам што да додадам“, вели Јашари во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Практично со воведување на меѓународни финансиски зони се создава опасност Македонија да се претвори во пералница за пари, но гледаме дека практично власта останува упорна во својата намера да создаде рај за перење нечист капитал во Македонија.
Рената Дескоска Тренеска, СДСМ.

Тој вели дека е направен обид сите правни, но не и политичките прашања, да се усогласат со забелешките.

Рената Дескоска Тренеска од опозицискиот СДСМ, пак, вели дека измените на Уставот кои се носат без опозиција имаат спорен легитимитет.

„Секоја влада не би требало да оди со насилие при носење на уставни амандмани без да обезбеди еден широк, не само политички, туку и општествен консензус при носењето на уставни измени“, вели Дескоска Тренеска.

Од друга страна, таа вели дека едно од најспорните прашањата на коишто укажуваат е можноста за отворање на меѓународни финансиски зони.

„Јасно Венецијанската комисија укажа дека практично со воведување на меѓународни финансиски зони се создава опасност Македонија да се претвори во пералница за пари, но гледаме дека практично власта останува упорна во својата намера да создаде рај за перење нечист капитал во Македонија“, вели Дескоска Тренеска.

Тоа, според неа, значи дека со уставните измени не се почитува европското законодавство.

Пред една недела пратениците ги утврдија текстовите на осумте уставни амандмани. Пред три дена, пак, евроамбасадорот Аиво Орав соопшти дека уставни измени треба да дојдат како резултат на широка и издржана дебата која ќе вклучи различни политички сили и изрази загриженост дека измените треба да се во согласност со меѓународните правила, посочувајќи ги меѓународните финансиски зони.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG