Достапни линкови

Пратениците расправаа за уставно ограничување на долгот


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Заврши расправата за амандманот 37 на Уставот со кој се дефинираат максимумите до кои може да се движат буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски попладнево ја прекина 30 седница и ја презакажа за в петок, откако претходно заврши расправата по амандманот 37 на Уставот со кој се дефинираат максимумите до кои може да се движат буџетскиот дефицит и јавниот долг. На Вториот ден од расправата за уставните измени, пратениците расправаа за амандманот со кој се одредува дефицитот на Буџетот на Македонија да не може да го надмине прагот од три проценти, а јавниот долг да не може да биде поголем од 60 проценти од бруто домашниот производ.

Причините зошто едноставно мислам дека требаме и мораме да ги донесеме овие уставни измени е во делот дека државата треба да троши онолку колку што има и во насока на тоа да ја осигураме финансиската и економската иднина на оваа држава.
Владимир Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од првиот ден од расправата кога тие утврдија четири предлог амандмани, вториот ден го одбележаа паузите.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со амандманот кој се однесува на долгот и дефицитот ќе се обезбеди финансиската иднина на државата, ќе се зголеми буџетската дисциплина и ќе се води стабилна, пребирлива и одржлива макроекономска и монетарна политика.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека земјата одговорно постапува и покрај тоа што има низок долг сепак носи вакви измени.

Затоа што различен е потенцијалот, да речеме, на една Германија, таа може да се задолжува, но има силен потенцијал да го сервисира долгот. Мислам дека треба да се води сметка за задолжувањата поготово како и на кој начин се трошат парите.
Павле Трајанов, Демократски сојуз.

„Причините зошто едноставно мислам дека требаме и мораме да ги донесеме овие уставни измени е во делот дека државата треба да троши онолку колку што има и во насока на тоа да ја осигураме финансиската и економската иднина на оваа држава“, вели Ѓорчев.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека оваа измена мора да биде дел од Уставот, за да се избегне сценариото на некои странски земји кои го немале ова во Уставот, па тие многу се задолжиле.

„Затоа што понатака секоја влада, без разлика на нејзината номенклатура, мора да води грижа за висината на јавниот долг и за висината на буџетскиот дефицит, она што е рак-рана или топ тема за којашто сите граѓани без разлика на верска, етничка или партиска припадност имаат интерес особено во дело кога се носи Буџетот на Република Македонија“, вели пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз вели дека Македонија треба да биде крајно претпазлива кога се задолжува.

„Затоа што различен е потенцијалот, да речеме, на една Германија, таа може да се задолжува, но има силен потенцијал да го сервисира долгот. Мислам дека треба да се води сметка за задолжувањата поготово како и на кој начин се трошат парите“, рече тој.

Во досегашниот тек на расправата пратениците ги утврдија предлог амандманот кој се однесува за бракот, предлог амандманот за меѓународните финансиски зони, предлог амандманот со кој се менува називот на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија и предлог амандманот со кој Државниот завод за ревизија станува уставна категорија.

Одобрувањето на уставниот амандман со кој се забрануваат истополни бракови ќе ја зацврсти дискриминацијата во земјата, оцени меѓународната невладина организација за човекови права Амнести интернејшнал по усвојувањето на амандманот со кој бракот во Македонија се дефинира како унија единствено меѓу маж и жена.

„Гласањето е уште еден придонес кон дискриминација, насилство и нетолеранција во Македонија врз база на сексуалната ориентација“, изјави Гаури ван Гулик, заменик директор за Европа во Амнести интернејшнал, додавајќи дека Македонија оди спротивно од европскиот бран на легализација на истополните бракови.

Амнести ја повикува Македонија да ги повлече дискриминаторските закони.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG