Достапни линкови

Дневен печат - Нема за ОН, а има за патни трошоци за пратениците


Македонија не платила навреме 25 илјади долари членарина во ОН, а пратеници за патни трошоци за една година зеле и по 25 илјади евра, објавија дневните весници.

Од каде да го почнеме денешниот преглед на пишувањето на домашниот печат - дали од оценките на Фридом хаус дека човековите слободи во светот одат по надолна линија или со постапките на оние што сме ги избрале да нè претставуваат во Собранието.

Пратениците од сите партии се обединети околу тарифите за превоз и околу ставот да не ја менуваат одлуката за патни трошоци зашто е во нивен интерес.
Утрински весник.

Некои народни избраници земале по 25.000 евра месечно само за патни трошоци, од родниот град до Скопје! - објавија Слободен печат и Утрински. Утрински направил мало истражување меѓу пратениците па извлекува наслов дека „Пратениците од сите партии се обединети околу тарифите за превоз и околу ставот да не ја менуваат одлуката за патни трошоци зашто е во нивен интерес“. Најмногу пари зеле оние кои се најоддалечени од нивното место на работа - Драган Цуклев од Гевгелија и Силвана Бонева од Струмица: од 23 до 25 илјади евра.

За следните чекори пленумот ќе бара легитимитет од сите студенти - ќе дејствуваме вонинституционално, ќе пробаме да најдеме други методи бидејќи видовме дека протестите, колку и да се масовни, остануваат игнорирани од Владата и ниеден напор за дијалог не даде плод - велат во Студентскиот пленум.
Нова Македонија.

„Администрацијата почнува да вежба - Владата објави оглас за набавка на фитнес-опрема за подобрување на физичката кондиција во вредност од 36 илјади евра“, објави Утрински.

Тетово, според загаденоста на воздухот се појави и на светската ранг-листа: „Градот под горделивата Шара се најде на петтото место во светот по аерозагаденоста. Скопје е на 24 -то“, објави исто така Утрински.

За нов скандал пишуваат Вечер, Утрински и Слободен печат: имено, дека на „Македонија и е одземено правото на глас во Обединетите нации поради неплаќање придонес за две години во износ од околу 24 илјади долари“. Дневник го објави соопштението од Министерството за надворешни кое го демантира ова, а Утрински изводи од пресот на СДСМ каде што е кажано дека актуелната власт нема чувство за државниот интерес на земјава. Истиот весник го објавува и соопштението на владејачката партија дека СДСМ немал кредибилитет да зборува за државничките интереси.

Нова Македонија објави дека „За следните чекори пленумот ќе бара легитимитет од сите студенти - ќе дејствуваме вонинституционално, ќе пробаме да најдеме други методи бидејќи видовме дека протестите, колку и да се масовни, остануваат игнорирани од Владата и ниеден напор за дијалог не даде плод - велат во Студентскиот пленум“.

„Фридом хаус: Македонија останува во групата делумно слободни земји“, објавува информација Утрински за најновиот извештај на американската организација за следење на човековите права во светот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG