Достапни линкови

Антисемитизмот не е минато


Скопје: 7 децении од ослободувањето на Аушвиц
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Скопје: 7 децении од ослободувањето на Аушвиц

Денес во поедини делови на светот, па и во срцето на прогресивната Европа да бидеш Евреин повторно почнува да биде опасно. За жал идеите за уништување на Евреите сè уште постојат, рече претседателот на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Пепо Леви.

Трагедијата на Евреите стана трагедија на човештвото и таа не смее да се заборави, порачаа дипломатите на денешната конференција посветена на дипломатијата и депортацијата на Евреите од Македонија во 1943 година. Со овој настан сакаме да им оддадеме почит на 7.114 Евреи од Македонија кои во 1943 година беа депортирани и убиени во концентрациониот логор Треблинка, но во исто време да им оддадеме почит на сите жртви на холокаустот, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Гледаме антисемитизам и овде во Европа и не смееме да ги затвориме очите пред тоа, не можеме да кажеме ќе помине.
Дан Оријан, израелски амбасадор во Македонија.

„Наша обврска е заеднички да работиме на утврдување на улогата на дипломатијата и дипломатите во тие настани за да можеме на денешните и на идните генерации да им ја претставиме вистинската слика, а со цел никогаш повеќе да не дозволиме такви или слични настани да се повторат“, вели Поповски.

Во својот емотивен говор пред присутните, израелскиот амбасадор во земјава, Дан Оријан, рече дека е голема улогата на дипломатите и дека кога тие се наоѓаат на вистинското место и во вистинското време, можат да спасат многу животи. Иако некој мисли дека антисемитизмот повеќе не постои, мора да погледне што се случи неодамна во Франција и други земји во Европа за да сфати дека не е така, рече Оријан.

Денес во поедини делови на светот, па и во срцето на прогресивната Европа да бидеш Евреин повторно почнува да биде опасно. За жал идеите за уништување на Евреите сè уште постојат. Светот не успеа да ги спаси Евреите, една третина од еврејската популација е уништена.
Пепо Леви, претседател на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

„Луѓето гледаат што се случува во Сирија каде што има илјадници мртви. Тука се организациите како Исламската држава, Боко харам, насилство коешто е тешко да се сфати. Ова се работи што се случуваат со години, но гледаме антисемитизам и овде во Европа и не смееме да ги затвориме очите пред тоа, не можеме да кажеме ќе помине“, вели Оријан.

Претседателот на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Пепо Леви, се потсети на 27 јануари 1945 година, кога бил ослободен концентрациониот логор Аушвиц Биркенау, кој проголта милион и сто илјади Евреи, 19 илјади Роми и 83 илјади Полјаци.

„Денес во поедини делови на светот, па и во срцето на прогресивната Европа да бидеш Евреин повторно почнува да биде опасно. За жал идеите за уништување на Евреите сè уште постојат. Светот не успеа да ги спаси Евреите, една третина од еврејската популација е уништена“, изјави Леви

Тој истакна дека еврејската заедница е особено горда на фактот дека односите меѓу Македонија и Израел се добри и се надева дека тие ќе се збогатуваат и ќе добиваат во квалитет, додека Евреите ќе бидат мост на разбирање и соработка меѓу двата народи.

Поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН, Срѓан Керим, пак потенцираше дека геноцидот врз Евреите не смее да биде заборавен. Цивилизациските достигнувања не се мерат само со градење на гигантски електрани, мисии во вселената или роботиката. Неопходно е тие да се мерат и преку способноста и силата да и се погледне на историјата во очи и да се извлечат вистинските поуки од трагичните заблуди и фаталните грешки.

„Толеранцијата е кислородот на демократијата. Ако дозволиме да се загрозува и намалува, сами себе ќе се осудиме на примитивизам, малодушност и безнадежност. Токму затоа во секоја прилика мора да се каже одлучно не на сите нетолерантни, декадентни учења и идеологии“, вели Керим.

Денешната конференција имаше за цел да ги идентификува и да ги истражи односите меѓу државите и состојбите кои влијаеја на депортацијата на Евреите од Македонија и од другите земји.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG