Достапни линкови

Одбележување на ослободувањето на Аушвиц


70 години од ослободувањето на Аушвиц
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

70 години од ослободувањето на Аушвиц

Во поранешниот нацистички концентрационен логор Аушвиц во Полска се одбележува 70 годишнината од ослободувањето на Евреите кои се уште биле живи кога пристигнала советската Црвена армија. На одбележувањето присуствуваа и неколку стотици преживеани.

Некои од оние што пристигнаа пред влезот на портата на кој стои натписот „Работата ве ослободува“, односно со лажното ветување за слобода, се и последните кои останаа за да ја кажат нивната приказна.

„Некои се уште велат дека холокаустот никогаш не се случил. Јас сум тука за да му кажам на светот што се случи. Силен сум и јас победив. И светот треба да научи од тоа и да живее мирно“, вели Мордекаи Ронен од Канада.

Тој е еден од 300 други кои дојдоа да го посетат Аушвиц со една мисла во главата, да се зачуваат спомените.

Самуел Белер од Соединетите држави вели дека 40 години не сакал да заборува за она што го видел во Аушвиц, се додека не дознал за најновите обиди за тривијализирање на холокаустот.

„Четириесет години не ја отворив устата за она што се случуваше тука, се додека не дознав дека некој и рекол на една ученичка оти не мора да учи за холокаустот. Бев шокиран и сега посетувам училишта каде што им зборувам за тоа“, вели Белер.

Некои се уште велат дека холокаустот никогаш не се случил. Јас сум тука за да му кажам на светот што се случи. Силен сум и јас победив. И светот треба да научи од тоа и да живее мирно.
Мордекаи Ронен, преживеан од Аушвиц

Германските окупатори го изградија кампот Аушвиц во 1940 година како затвор за Полјаците. Од 1942 година станува најголемиот концентрационен логор за европските евреи.

Во Аушвиц нацистичка Германија уби најмалку милион и 100 илјади луѓе, главно Евреи, но и Полјаци, Роми, советски воени затвореници.

Во Аушвиц и во блискиот логор Аушвиц Два, Брикенау луѓето биле убивани во гасни комори, а потоа палени во крематориуми.

„Целиот свет и Европа забораваат на целата работа, како да не сакаат да ја знаат. Нема залажување. Тие убиваа луѓе за ништо“, вели Џон Пекатс.

На 27 јануари 1945 година логорот беше ослободен од војници на советската Црвена армија. Во него беа најдени живи околу 7 илјади болни затвореници, вклучувајќи и 130 деца.

Германскиот канцелар Ангела Меркел вчера во Берлин изјави дека Аушвиц е предупредување за она што луѓето можат да си го направат едни на други.

Таа го искористи примерот со Аушвиц за да предупреди и опасноста од неодамнешните протести против муслиманите во Германија.

„Не сакаме да слушаме слогани со омраза против луѓе кои најдоа дом во Германија“, рече Меркел.

Инаку годишнината од ослободувањето на Аушвиц ги заостри и онака лошите односи меѓу Украина и Русија.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги оцени за цинични изјавите на некои полски и украински официјални лица дека Аушвиц бил ослободен од украински војници.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG