Достапни линкови

„Златна зора“: Грција оди кон демократска пропаст


Грчката партија на екстремната десница „Златна зора“ синоќа го осуди апсењето на уште еден нејзин пратеник, обвинет дека имал истакната улога во криминалните активности на партијата. „Златна зора“ оцени дека станува збор за политички прогон и најави дека ќе се жали во европските судови.

Одлуката на истражниот судија за затворање на Ефстатиос Букурас дојде неколку часа откако во саботата беа уапсени пратениците Јоргос Јерменис и Пајанотис Илиопулос. Обвинувањата против тројцата пратници на кои им беше симнат пратеничкиот имунитет беа демантирани од портпаролот на „Златна зора“ и исто така пратеник Илијас Касидиарис.

Со истите обвинувања се соочува и самиот Касидиарис, но тој е на слобода. Според него, властите се против „Златна зора“, додека на слобода останувале, како што рече, „терористи и расипани политичари“, вмешани во афери.

Портпаролот на „Златна зора“ изрази надеж дека правосудството ќе ги надвладее ваквите „илегални политички притисоци“. Во спротивно, како што додаде, партијата ќе се обрати до европските судови.
Иронично е тие луѓе сега да бараат заштита од европските судови, но тоа е величенството на демократијата.

Овие изјави наидоа на критики кај невладините организации во Грција. Христос Граматидис од грчката група за човекови права „Хелсиншки монитор“ изјави дека „Златна зора“ е лицемерна, бидејќи систематски го клевети Европскиот суд за човекови права дека бил инструмент на евреите и на новиот светски поредок.

„Иронично е тие луѓе сега да бараат заштита од европските судови, но тоа е величенството на демократијата“, оценува Граматидис.

Со последните апсења, една третина од 18 пратеници на „Златна зора“ се во затвор, вклучувајќи го и лидерот на партијата Николаос Михалолијакос, како и неговиот заменик Христос Папас.

Тие беа затворени кон крајот на септември, откако еден левичарски рап пејач на улица беше убиен од припадници на „Златна зора“. Затворените пратеници чекаат да им се суди за учество или за раководење со криминална група.

Сето ова, како што оценуваат западните новински агенции, би можело да и ги расипе плановите на Британската национална партија која планира да формира европска коалиција на десницата пред мајските избори за Европскиот парламент.

„Златна зора“ со години успеваше да го избегне судењето на своите членови за напади врз странци и други злосторства во Грција. Сегашната истрага, според обвинителите, покажала дека „Златна зора“ спроведувала насилни паравоени активности.

Таа партија доживеа подем врз ксенофобијата и национализмот во текот на последните неколку години од финансиската криза во државата која предизвика масовно осиромашување на населението.

„Златна зора“ влезе во грчкиот парламент на изборите во 2012 година и останува третта најпопуларна партија во земјата.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG