Достапни линкови

Баросо: Погрешното предвидување за Грција


Официјалниот почеток на грчкото претседавање со Европската унија во Атина беше проследен со оптимизам не само за иднината на Европската унија, туку и за економската состојба во Грција. Сепак, не изостанаа страхувањата од растот на евроскептицизмот.

Грција со големи жртви ја остави кризата зад себе, оцени грчкиот премиер Андонис Самарас на заедничката прес-конференција во Атина со шефот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо по повод стартот на шестмесечното претседавање со Европската унија.

Грција која беше погодена со тешка финансиска криза мораше да спроведе многу строги мерки за штедење за да добие финансиска помош од меѓународните кредитори.

Тие мерки предизвикаа бес кај многу Грци кои загубија голем дел од бенефициите што им ги даваше државата. Атина се надева дека уште за време на нејзиното претседавање со Унијата ќе може да излезе од шестгодишната рецесија.
Многумина шпекулираа дека Грција ќе биде принудена да ја напушти еврозоната и оти заедничката европската валута ќе пропадне. Но, фактот што го славиме почетокот на грчкото претседавање е јасен доказ дека таквите предвидувања биле погрешни.
Жозе Мануел Баросо, претседател на Европската комисија.

Токму економското заздравување, борбата против невработеноста и миграцијата, според премиерот Самарас, се главните приоритети на грчкото претседавање.

Европската унија вчера објави дека стапката на невработенсот во земјите на еврозоната останува рекордно висока, односно над 12 насто. Грција е на врвот со 27,4 проценти, додека Австрија е на дното со 4,8 насто невработеност.

„Не се откажувајте од реформите и не ги отфрлајте напорите што ги направивме досега“, порача Баросо, наведувајќи дека е свесен за тешкотиите со кои се соочуваат Грците.

„Како што реков, 2013 беше година во која европската економија ја сврте страницата. Многумина шпекулираа дека Грција ќе биде принудена да ја напушти еврозоната и оти заедничката европска валута ќе пропадне. Но, фактот што го славиме почетокот на грчкото претседавање е јасен доказ дека таквите предвидувања биле погрешни“, оцени Баросо.

Тој притоа потсети дека за време на грчкото претседавање ќе се одржат избори за Европскиот парламент и тоа во услови на евидентно јакнење на евроскептичните партии.

„Признавам дека поради кризата, екстремизмот и популизмот можат да успеат и во многу поразвиени земји, но не очекувам тие сили да преовладаат“, изјави Баросо кој изрази верба во граѓаните на Грција дека ќе гласаат за иднината на нивните деца.

„Решението за нив е во повеќе и во подобра Европа“, додаде тој во Атина каде што голем подем, поради должничката криза, забележа неонацистичката партија „Златна зора“.

Вчерашните церемонии во Атина се одвиваа под засилени безбедносни мерки и со забранети протести. Дополнително страхување предизвика и бегството од затвор на Христодулос Ксирос, член на терористичката крајно левичарска организација „17 Ноември“.

Тој одлежува шест казни доживотен затвор за дваесетина убиства, меѓу другото и на петмина вработени во американската мисија во Атина. Ксирос за новогодишните празници беше пуштен на отсуство, но потоа исчезнал. Официјален Вашингтон побара негово итно апсење.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG