Достапни линкови

Грција и ЕУ: претседавање со можности, не со кризи


Вака грчкиот премиер Андонис Самарас го оцени преземањето на претседателството на неговата земја со Европската унија. За шефот на дипломатијата Евангелос Венизелос наредните шест месеци ќе бидат важна етапа не само за Грција, туку и за Унијата во целост, поради европските избори во мај.

Грција од вчера го презеде претседавањето со Европската унија и нејзина клучна меѓународна задача ќе биде спроведувањето на европските избори кон крајот на мај, а дома продолжување на борбата за излегување од економската криза. Практично, Грција ќе почне да претседава со Унијата на 8 јануари, со состанок во Атина на сите 28 еврокомесари.

Грција оваа функција ја презема од Литванија, а наредниот претседавач од 1 јули ќе биде Италија. До тогаш во Атина ќе се одржат 14 состаноци на еврокомесарите.

Премиерот Самарас на 16 јануари во Европскиот парламент во Стразбур ќе ги претстави приоритетите на грчкото претседавање: стопански пораст, вработување, изградба на банкарска унија, политика спрема мигрантите.
Со лекциите научени од кризата, Грција може да донесе специјална чувствителност за многу прашања, од Балканот до поморската политика, што Грција ги знае подобро од повеќето други членки на Унијата.
Жозе Мануел Барозо, претседател на Европската комисија.

Атина всушност има помалку од шест месеци да ја спроведе нејзината програма, бидејќи изборите за Европарламентот се планирани за крајот на мај, а постои опасност од јакнење на евроскептиците од сите видови, поради општата социјална криза во Унијата.

Грција е особено погодена од таквиот ризик, бидејќи тамошната неонацистичка партија „Златна зора“ е трета најпопуларна во земјата и покрај апсењето на шестмина нејзини членови по убиството на антифашистички рапер пред
неколку месеци.

Од друга страна е партијата на левицата Сириза која има мала предност пред конзервативната Нова демократија на премиерот Самарас што владее во лабава коалиција заедно со социјалистите на Венизелос.

Сириза се заколна дека ќе ја собори владата на мајските избори, со оглед на тоа што изборите во Грција ќе бидат двојни: и за европарламентот и за локалните власти.

Анкетите укажуваат дека ниту една од двете големи партии Нова демократија и ПАСОК немаат поддршка да владееат сами.

Грција беше најмногу погодена од должничката криза во еврозоната и се обидува со меѓународен спасувачки пакет да излезе од шестгодишната рецесија и од невработеноста од околу 27 насто.

„Се надевам и верувам дека грчкото претседавање ќе биде голема можност Грција да покаже дека е способна не само да ги реши своите проблеми, туку и да даде важен придонес кон европскиот проект“, оценува претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, додавајќи:

„Со лекциите научени од кризата, Грција може да донесе специјална чувствителност за многу прашања, од Балканот до поморската политика, што Грција ги знае подобро од повеќето други членки на Унијата“.

За време на претседавањето со Европската унија во 2003 година, Грција постави нова основа со креирање изгледи за проширување со земјите од Западен Балкан. Во тоа време во Унијата беа примени 10 нови членки.

Како и да е, Атина досега ги спречува обидите на Македонија да стане членка се додека не се реши спорот со името. Грција за претседавањето има намера да потроши 50 милиони евра, што е за скоро 30 милиони помалку од нејзините претходнички.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG