Достапни линкови

Мета: Границите на Балканот да исчезнат


Претседателите на собранијата на Македонија и на Албанија се заложија за поголемо почитување на правата на малцинствата во двете земји.

Клучни и стратешки за целиот регион се односите помеѓу Албанија и Македонија. Политичките сили имаат одговорност и задача да ги конкретизираат и да ги унапредат, удвојувајќи го нашиот заеднички ангажман. Ова го истакна претседателот на албанскиот Парламент, Илир Мета во обраќањето пред пратениците во македонското Собрание. Според него, треба да се употребат сите инструменти на повеќепланска соработка за остварување на заедничката цел влез во Европската унија.

Ние, не веруваме во менување на границите на Балканот, туку во нивното целосно исчезнување, така како што направи Европската унија, дестинацијата каде што сакаме да бидеме заедно, и модел на стандардот што ние сакаме да го аплицираме тука, во нашиот дом.
Илир Мета, претседател на Собранието на Албанија.

„Ние, не веруваме во менување на границите на Балканот, туку во нивното целосно исчезнување, така како што направи Европската унија, дестинацијата каде што сакаме да бидеме заедно, и модел на стандардот што ние сакаме да го аплицираме тука, во нашиот дом“, рече Мета.

Мета порача дека се решителни да ја зголемат соработката со цел зголемување на благосостојбата и стабилноста на граѓаните од двете страни на границата.

„Ние силно го почитуваме забрзувањето на целосното спроведување и без доцнење на Охридскиот рамковен договор ги очекуваме резултатите коишто би биле мерливи, опипливи на терен“, рече Мета.

Како држава очекуваме и нашите соседи доследно да ги почитуваат колективните и индивидуалните малцински права на своите граѓани вклучувајќи ги и Македонците кои живеат во нив.
Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Македонија.

Во истовреме тој порача дека се грижат и за македонското малцинство во Албанија, како и за останатите и земјата секогаш водела смета за нивните права и чување на нивните традиции за создавање услови за нивно успешно интегрирање. Претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски по средбата истакна дека Македонија достојно работи на исполнување на рамковниот договор.

„Истакнав дека ние сме мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, но дека Охридскиот договор и неговата имплементација обезбедуваат доследно почитување и развивање на индивидуалните и на колективните права на етничките заедници, но не задира во унитарниот карактер на државата, истовремено како држава очекуваме и нашите соседи доследно да ги почитуваат колективните и индивидуалните малцински права на своите граѓани вклучувајќи ги и Македонците кои живеат во нив.“

Мета порача дека за Албанија, Македонија и партнер за развој на регионалните проекти и двете земји треба да работат повеќе на економски план, како градење на железничката линија Скопје- Драч.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG