Достапни линкови

Потребно е ново партнерство за мир на Балканот


Професорите Љубиша Митровиќ и Владимир Мумбаширевиќ.
Професорите Љубиша Митровиќ и Владимир Мумбаширевиќ.

Балканот треба да прерасне во простор за дијалог на културите и цивилизациите, во едно ново партнерство за мир и развој и да се реафирмира на овие простори старата лозинка на нашите мудри балкански народи, вели професор Љубиша Митровиќ.

На Балканот му е потребна нова стратегија за партнерство меѓу народите зашто во спротивно ќе остане да биде мета за поткусурување на туѓи интереси. Ова го изјави Љубиша Митровиќ, професор емеритус на Универзитетот во Ниш, Србија, кој воедно е и раководител на Центарот за социолошки истражувања на Балканот. Во него над 400 истражувачи од сите балкански земји дваесет години ги проучуваат проблемите на регионалната и културната соработка меѓу народите на овие простори.

Нашето заедничко сознание е дека Балканот треба да прерасне во простор за дијалог на културите и цивилизациите, во едно ново партнерство за мир и развој и да се реафирмира на овие простори старата лозинка на нашите мудри балкански народи.
Љубиша Митровиќ, универзитетски професор.

„Нашето заедничко сознание е дека Балканот треба да прерасне во простор за дијалог на културите и цивилизациите, во едно ново партнерство за мир и развој и да се реафирмира на овие простори старата лозинка на нашите мудри балкански народи. Без таа стратегија Балканот од ново ќе биде простор на недовршени војни и мир за поткусурување на геостратешки интереси на надворешни и туѓи цели“, вели Митровиќ.

Според него, важно е во тоа поврзување да предничат интелектуалците, односно да се создаде образовна структура која ќе работи на зајакнување на соработката меѓу студентите и професорскиот кадар на универзитетите на Балканот. Митровиќ заедно со деканот на Белградскиот универзитет, Владимир Мумбаширевиќ деновиве беа прогласени за почесни професори на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

„Ние потпишавме договор минатата години за соработка и се надевам дека низ посебна поддршка на програми на ЕУ, како што е Еразмус Плус, ќе има можност за институционална поддршка на рамена на студентите меѓу Белград и Битола“, изјави Мумбаширевиќ, декан на Белградскиот универзитет.

Битолскиот ректор Златко Жоглев рече „нашиот универзитет има потпишано спогодби со 60 тина странски универзитети. Најновите договори што ги потпишавме се со универзитетот во Белград кој е 340 на ранг листата на светските универзитети. Со универзитетот во Софија го обновивме договорот“.

Универзитетот во Битола веќе создал мрежа на триесетина универзитети од Балканот со кои соработува. Тие се од Корча и Тирана, Албанија, Приштина, Косово, Солун, Грција, Ниш и Крахгуевац, Србија, Софија, Пловдив, Стара Загора од Бугарија, Загреб и Риека од Хрватска и други. Се договараат проекти кои ќе овозможат развој на младите, ќе ги поврзат образовните кадри, ќе го зајакнат образованието.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG