Достапни линкови

Западен Балкан во чекалницата на ЕУ


Вратата останува отворена, но Балканот треба да направи повеќе од порано за да го мине прагот, пишува весникот „Економист“ во врска со проширувањето на Европската унија со оглед на најавената политика на новата Европската комисија дека се замрзнува приемот на нови членки во Унијата.

За оние што се против натамошното проширување на Европската унија кон Западен Балкан, изјавата на новиот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер пред два месеца, беше охрабрувачка.

Преговорите би продолжиле, вели тој, но натамошно проширување ќе има по пет години.

Политичката порака за успорување на процесот, според Штефан Филе еврокомесар за проширување во заминување, е контроверзна и популистичка.

„Тоа беше погрешна порака за Западен Балкан во погрешно време“, вели Филе чија позиција веќе ја нема во новата Европска комисија.

Самото име на функцијата на која е наименуван австриецот Јоханес Хан, „комесар за добрососедска политика и преговори за проширување“ доволно говори што тој ќе работи.

Стабилен Балкан е предност за сите. Нестабилен и сиромашен Балкан би можело да извезува криминал и мигранти, па дури и повторно да биде западне во кофликт.

Во добрососедството се вклучени шест поранешни советски земји, како и оние на југот од Медитеранот.

Чарлс Тенок, британски пратеник во Европарламентот, вели дека Јункеровото минимизирање на проширувањето е за да се смири јавното мислење.

„Стана се потешко тоа да се продаде, поради страхувањето од организираниот криминал и миграцијата“, вели тој. Како и да е, подлабоките проблеми не лежат во Европската унија, туку во самиот регион.

Напредокот во Босна, со нефункционална влада е во застој над осум години.

Македонија останува блокирана од спорот со Грција за името.

Косово е многу назад и е единствена земја западно од Украина чии граѓани не можат да патуваат во земјите од Шенген зоната без визи.

Тука се уште и Албанија, Црна Гора, која ги почна преговорите и Србија која се надева дека тоа ќе го направи до крајот на годинава.

Во новиот извештај за Балканот на европските аналитичари се наведува дека постои опасност на регионот да му се случи Турското сценарио, односно бескрајни преговори со Унијата.

Тоа би можело да ја отвори вратата за други ризици, вклучувајќи го тука мешањето од Русија или од Турција.

Во извештајот се сугерира дека откажувањето од целта, зачленувањето во Европската унија, дури и ако не е официјално, ќе има последици врз демократијата, меѓуетничките односи и долгорочните економски инвестиции.

За среќа, како што пишува „Економист“, Западен Балкан, наскоро ќе добие нов сојузник во Брисел: Федерика Могерини, италијанка која ќе биде задолжена за европската надворешна политика.

Италија, како и Австрија, добро го познава Балканот и сфаќа дека проширувањето е безбедносно прашање. Стабилен Балкан е предност за сите. Нестабилен и сиромашен Балкан би можело да извезува криминал и мигранти, па дури и повторно да биде западне во кофликт, се наведува во коментарот објавен во „Економист“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG