Во најновиот извештај за Светските економски перспективи објавен денеска, ММФ проектира глобален раст од 3,5 проценти за оваа и 3,7 проценти за идната година, што е за 0,3 насто помалку од претходните предвидувања на Фондот.
Главниот економист на Фондот, Оливие Бланшар, изјави дека факторите кои го поддржуваат растот, вклучувајќи ги и намалените цени на нафтата и падот на еврото биле засенети од негативните сили како забавените последици од кризата и помалиот потенцијален развој во многу земји во светот. Најмногу погодени ќе бидат оние што извезуваат нафта како Русија, Нигерија и Саудиска Арабија.
Брзиот пад на цените на нафтата и посилната американска економија по се изгледа нема да бидат доволни за посветла перспектива на светската економија во оваа година.Кристин Легард, шефица на ММФ
Русија која е под санкции поради нејзината поддршка на проруските бунтовници во источна Украина најмногу е погодена токму поради намалените цени на нафтата. Според ММФ, економијата на таа земја ќе се намали на 3 насто.
Само американската економија, според Меѓународниот монетарен фонд, може да смета на поголем пораст од претходно предвидениот. Имено годинава Соединетите држави ќе забележат раст од 3,6 наместо 3,1 отсто, каква што беше претходната прогноза.
Тоа се должи и на слабиот развој во еврозоната каде што зголемен раст може да очекува само Шпанија. Втората најголема економија во светот Кина ќе порасне на 6,8 насто што е за 0,3 отсто побавно од претходно очекуваното. Тоа ќе се одрази и врз другите азиски земји.
„Брзиот пад на цените на нафтата и посилната американска економија по се изгледа нема да бидат доволни за посветла перспектива на светската економија во оваа година“, рече шефицата на ММФ Кристин Легард.
„Погодокот со ниските цени на нафтата е добар, но ако глобалната економија остане на колена, тогаш ни тој погодок нема да помогне. Сеништето на дефлацијата, кошмарно сценарио на пад на цените и на платите, останува ризик за цела Европа“, изјави таа, додавајќи дека земјите во евро зоната и Јапонија остануваат во опасната зона на долгорочен слаб економски развој.
Во меѓувреме, Меѓународната организација за труд соопшти дека поради намалениот економски развој ќе продолжи зголемувањето на невработеноста во светот. Сега во светот имало над 200 милиони невработени, а таа бројка до 2019 ќе изнесува 211 милиони. Овој извештај е објавен пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.