Достапни линкови

Прогрес во преговорите меѓу Русија и Украина


Прогрес во преговорите за гас меѓу Русија и Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Прогрес во преговорите за гас меѓу Русија и Украина

Еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер изјави дека бил постигнат суштински напредок во разговорите меѓу Украина и Русија за снабдувањето со гас. Конечен договор за ова прашање ќе се бара во идната недела на нови преговори во Брисел.

Постигнавме одреден важен напредок. Се надеваме дека ќе успееме да постигнеме договор за зимскиот пакет за Украина, изјави во Брисел еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер, додавајќи дека долгорочниот договор за ова прашање може да почека и по студениот зимски период.

„Една од пречките е тоа што Украина седум месеци не ја платила сметката“, прецизира Етингер, прецизирајќи дека дел од првичниот договор е и планот на Украина да исплати околу 4 милиони кубни метри гас од Русија пред крајот на оваа година.

Постигнавме одреден важен напредок. Се надеваме дека ќе успееме да постигнеме договор за зимскиот пакет за Украина.
Гинтер Етингер, еврокомесар за енергетика.

Етингер додаде дека Украина до крајот на овој месец ќе исплати милијарда и 400 милиони долари од нејзиниот долг кон Русија за досегашните испораки на гас, а дополнителни милијарда и 600 милиони долари до крајот на годинава.

Шефот на руската делегација на преговорите, министерот за енергетика Александар Новак, изјави дека цената би била 385 долари за илјада кубни метри гас, 100 долари помалку отколку што Руската државна компанија Газпром побара пред неколку недели.

Како и да е, цената која најпрвин ја објави претседателот на Украина Петро Порошенко по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на 17 овој месец се уште е висока.

Просечно Газпром од другите европски земји наплаќа околу 350 долари за илјада кубни метри гас.

Новак соопшти дека цената ќе важи од овој месец се до крајот на март идната година и оти Украина би требало да плати однапред. Москва очекува од Брисел да и даде одредена финансиска помош на Украина со цел да се реши спорот.

Во меѓувреме, Киев побара од Европската унија дополнителен заем од две милијарди и шестотини милиони долари. Украинските власти велат дека ова барање не било поврзано со сегашните преговори со Русија.

Европската комисија соопшти дека барањето на Украина ќе биде анализирано во консултации со Меѓународниот монетарен фонд и украинските власти. Европската унија досега и понуди на Украина заеми во вредност од над две милијарди долари.

Русија го прекина снабдувањето со гас на Украина кон средината на јуни, поради долг од околу 5 милијарди и 300 милиони долари.

Од друга страна Газпром не го запре снабдувањето со гас на земјите членки на Европската унија кое се одвива преку територијата на Украина.

Но, министерот Новак демантира дека Газпром се согласил да им дозволи на европските држави да го извезуваат рускиот гас во Украина.

Еврокомесарот Етингер најави дека разговорите за гасот ќе продолжат на 29 октомври во Брисел.

Одвоено, Кремљ соопшти дека Путин и Порошенко вчера телефонски дискутирале за руското снабдување со гас на Украина. Други детали не се соопштени.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG