Достапни линкови

Во Белгија спречени терористички напади


Во Белгија спречени терористички напади
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:36 0:00

Во Белгија спречени терористички напади

Сојузното белгиско обвинителство соопшти дека во антитерористичка операција во градот Вервие биле убиени двајца исламски милитанти, а еден бил уапсен. Намерата на терористите била со огнено оружје да ја нападнат полициската станица во градот. Полициска акција била спроведена и во предградие на Брисел.

Белгиските власти наведуваат дека била разбиена терористичка ќелија од десетина луѓе, од кои некои неодамна се вратиле од Сирија.

„Истрагата беше во можност да утврди дека оваа група имала намера да изврши терористички напади од широки размери во Белгија. Во текот на интервенцијата во Вервие осомничените пукале врз специјалните полициски сили кои успеале да ги неутрализираат“, изјави заменик обвинителот Ерик Ван дер Сјипт, додавајќи дека во акцијата немало убиени или ранети полицајци.

Белгискиот премиер Шарл Мишел изјави дека полициската акција ја покажува решеноста на белгиските власти да се борат против тероризмот.

Истрагата беше во можност да утврди дека оваа група имала намера да изврши терористички напади од широки размери во Белгија. Во текот на интервенцијата во Вервие осомничените пукале врз специјалните полициски сили кои успеале да ги неутрализираат.
Белгиски заменик обвинител Ерик Ван дер Сјипт

Тој додаде дека нивото на подготвеност од терористички напади во земјата било подигнато на трет од можните четири степени.

„Немаме некакво сознание за натамошни конкретни закани, но би било корисно во оваа ситуација да го подигнеме нивото на подготвеност“, изјави Мишел.

Само една недела откако исламистите во Париз убија 17 луѓе, инцидентот во Белгија ги зголеми стравувањата низ Европа од радикалните муслимани кои се враќаат од Сирија.

Белгиското Јавно Обвинителство соопшти дека операцијата била започната пред 7 јануари, односно пред нападот врз францускиот сатиричен весник „Шарли Ебдо“.

Убиените, како и уапсениот, според полицијата, биле државјани на Белгија, земја која има една од најголемитеконцентрации на европски исламисти кои се борат во Сирија.

Претходно, белгиските власти соопштија дека привеле едно лице во јужниот дел на Белгија под сомневање дека го снабдил со оружје Амеди Кулибали, убиецот на четири лица во една еврејска продавница во Париз по нападот врз „Шарли Ебдо“.

По инцидентот во Вервие, белгиските весници цитираат неименуван полициски службеник кој изјавил дека полицијата спречила, како што рекол, „Белгиски Шарли Ебдо“.

Некои весници пак објавуваат интернет порака, наводно од милитантите на Исламската држава во која исламистите се повикуваат да извршат напади во Белгија, Франција, Швајцарија и Германија.

Во пораката се објаснува дека приврзаниците на Исламската држава со акциите на европските власти биле спречени да заминат да се борат во Сирија и во Ирак и оти затоа требало да почнат напади во Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG