Достапни линкови

Масакрот во Париз е напад врз слободата


Целта на нападот врз сатиричниот магазин Шарли Ебдо, не е само одмазда за објавувањето карикатури со пророкот Мухамед.

Масакрот во Париз ги засили страхувањата дека џихадистите од Европа, кои сега се борат во Ирак и во Сирија, ќе вршат терористички напади кога ќе се вратат дома. Франција, во која живеат најмногу муслимани во Европа, околу 5 милиони, и досега беше цел на исламистите. Но, терористичкиот напад во канцелариите на сатиричниот магазин Шарли Ебдо во Париз, е моќно пропагандно оружје и истовремено може да послужи за регрутирање нови екстремисти, сметаат аналитичарите.

Целта на овој напад беше да се предизвика шок во меѓународната заедница, вели Лина Хатиб, директор на Карнеги центарот за Блискиот Исток. Според Хатиб, целта на нападот не е само одмазда за објавувањето карикатури со пророкот Мухамед.

Франција е еден од клучните партнери во меѓународната коалиција, предводена од САД, против милитантите на Исламската држава. Франција ги предводи и операциите против џихадистичките групи во Африка. Затоа, според Хатиб, цел на нападот во Париз беше и да им се испрати порака на државите кои учествуваат во борбата против исламистичките милитанти, дека се ранливи.

Портпарол на милитантите на Исламската држава, во септември, минатата година, повика на терористички акции во Франција. Иако ниедна џихадистичка група засега не ја превзеде одговорноста за нападот во Париз, или пак дека стои зад главните осомничени, браќата Шариф и Саид Коаучи, тие го поздравија нападот.

Тоа е само уште еден удар од идеологијата, која сака со тероризам да дојде до моќ, пишува Џорџ Паркер во весникот Њујоркер. Станува збор за истата идеологија, која го принудуваше Салман Ружди да се крие со години поради напишан роман.

Британскиот весник Гардијан, пак, напиша дека убиството на новинарите во Париз, не е само напад врз Франција, туку и врз исламот и врз концептот на слобода, кој им овозможува на околу 30 милиони муслимани да просперираат на Западот. Слободата на говорот не е само западен концепт, туку универзален стремеж на секое човечко суштество.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG