Достапни линкови

ЕУ и САД го осудија растечкото насилство во Украина


ЕУ и САД го осудија растечкото насилство во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

ЕУ и САД го осудија растечкото насилство во Украина

Во најкрвавиот инцидент во изминативе неколку месеци, загинаа најмалку 11 луѓе кога автобусот во кој патувале од Доњецк, вчера бил погоден со гранати за кои Киев вели дека биле истрелани од проруските бунтовници. Тие ја отфрлија одговорноста за нападот.

Портпаролот на Стејт департментот Мери Харф изјави дека гранатирањето на автобусот, како и интензивирањето на борбите околу меѓународниот аеродром во градот Доњецк биле само последни прекршувања на обврските направени од проруските сепаратисти.

„Го осудуваме продолжувањето на нападите од сепаратистите кои се обидуваат да освојат дополнителни територии со нарушување на договорите за примирје во Минск“, изјави Харф.

Портпаролот на Стејт департментот Мери Харф
Портпаролот на Стејт департментот Мери Харф

Во Брисел пак, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини оцени дека растечкото насилство во источна Украина ја нагласува неопходноста од почитување на примирјето постигнато меѓу двете страни во минатиот септември во Минск.

Советот за безбедност на Обединетите нации, осудувајќи го нападот врз автобусот побара истрага за откривање на одговорните.

Го осудуваме продолжувањето на нападите од сепаратистите кои се обидуваат да освојат дополнителни територии со нарушување на договорите за примирје во Минск.
Мери Харф, портпаролот на Стејт департментот.

Лидерот на сепаратистите Денис Пушилин го обвини Киев за организирање на нападот врз автобусот со цел, како што рече, да ги обвини проруските бунтовници за тоа.

Украинскиот претседател Петро Порошенко пак веднаш најави распоредување дополнителен број војници на линијата на фронтот.

Украинскиот претседател Петро Порошенко.
Украинскиот претседател Петро Порошенко.

Веднаш потоа специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ оцени дека во изминативе денови ситуацијата во источна Украина се влошила значително и побара воздржаност од двете страни.

До ова дојде откако била урната контролната кула на аеродромот во Доњецк.

И додека проруските бунтовници ја имаат контролата во градот, украинските сили сакаат да ја задржат контролата врз аеродромот, кој сега главно е уништен од борбите.

Над 4 илјади и 700 луѓе загинале во источна Украина од април минатата година.

Непријателствата избувнаа откако Русија во март го анектираше украинскиот полуостров Крим.

Киев и Западот ја обвинуваат Москва за поттикнување нереди во источна Украина и за снабдување со оружје на проруските бунтовници, како и за испраќање руски војници да им помагаат.

Главниот командант на НАТО генерал Филип Бридлав во вторникот изјави дека во изминативе денови продолжило руското снабдување за бунтовниците во Доњецк. Москва ги отфрли ваквите обвинувања.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG