Од Студентскиот пленум најавуваат дека утре пред почетокот на пленарната седница на Собранието каде ќе се расправа за предлог измените во Законот за високо образование на симболичен и ироничен начин ќе се спротивстават на неговото усвојување. Владимир Делов од Студентскиот пленум вели дека овој пат се одлучиле за реформски маратон, иако според него, целата ситуација повеќе наликува на реформски спринт.
Нашата идеја е соодветно да ги пречекаме маратонците пред финишот на собраниските порти, со громогласен аплауз и честитки во трката за лоши реформи во образованието.Владимир Делов, Студентски пленум.
„Нашата идеја е соодветно да ги пречекаме маратонците пред финишот на собраниските порти, со громогласен аплауз и честитки во трката за лоши реформи во образованието. Да, пред се, нашата порака е иронична.“
Професорката Татјана Каракамишева која денеска заедно со студентите кои ги поддржуваат предложените реформи беше на средба со претседателот Ѓорѓе Иванов вели дека дијалогот и конструктивниот пристап е единственото добро нешто што може да и се случи на Македонија во високото образование, како и тоа дека не се за поделби во академската заедница. Според неа, уште еднаш е пропуштена шансата да седнат на заедничка маса со професорскиот пленум и да ги согледаат нивните ставови.
Мислиме дека само на тој начин, не со бојкот, не на улица, не со протести, само на тој начин со активно вклучување на сите чинители во високо образовниот систем дека можеме да го подобриме квалитетот на високото образование.Татјана Каракамишева, универзитетски професор.
„Вчера слушнавме од професорите од Професорскиот пленум дека не се противници на реформите, ние тоа го цениме и навистина сакаме да седнеме на заедничка маса и да видиме кои се нивните спротивставени мислења и во кој дел сметаат дека треба да се подобрат решенијата, затоа што мислиме дека само на тој начин, не со бојкот, не на улица, не со протести, само на тој начин со активно вклучување на сите чинители во високо образовниот систем дека можеме да го подобриме квалитетот на високото образование. Ние не знаеме поинаку, мислам дека ниту еден цивилизиран човек не знае поинаку, освен вклучување во дијалог и дебата.“
Од кабинетот на претседателот соопштија дека Иванов го повторил ставот дека дијалогот, размената на идеи и иницијативи е единствениот начин што може да доведе до успешна трансформација во високото образование.
Од Професорскиот пленум по вчерашната средба со Иванов на која присуствуваа заедно со Студентскиот пленум ја одбија поканата на Иванов за заедничка средба со Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование. Според нив, нема потреба од таква средба, бидејќи не постојат спротивставени мислења во однос на потребата од реформи во високото образование. За Професорскиот пленум средбата предложена да се одржи на истиот ден кога е закажана седницата на која се очекува изгласување на предложениот пакет закони е беспредметна.