Достапни линкови

Шилегов - Вељаноски лаже!


Илустрација.
Илустрација.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски вчера соопшти дека седницата на која требаше да се верификуваат оставките на опозициските пратеници е одложена со взаемна согласнот. Во СДСМ велат - Вељаноски лаже.

Осум месеци откако опозицијата потпиша дека не ги прифаќа мандатите и речиси шест месеци по единствената јавна средба на Заев и Груевски што заврши неуспешно, оставките на опозицијата сè уште не се верификувани, а политичарите се расправаат која е причината. Во меѓувреме дијалог нема, а од странските дипломати стигнуваат пораки кои предупредуваат на опасност Македонија да прерасне во нов замрзнат конфликт.

Кратко, јасно и децидно – господинот претседател на Собранието на Република Македонија лаже. Таа е реакцијата.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Сега, покрај најавената т.н. бомба на опозицијата, главна тема за препукување е зошто не се верификувани оставките. Имено собранискиот спикер Трајко Вељаноски тврди дека одложувањето на седницата била со взаемна согласност со СДСМ што од опозициската партија го демантираа.

Петре Шилегов.
Петре Шилегов.

„Кратко, јасно и децидно – господинот претседател на Собранието на Република Македонија лаже. Таа е реакцијата“, вели портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, кој тврди дека засега нема никакво навестување за продолжување на политичкиот дијалог кој се чини воопшто и не почна откако Груевски одби да разговара за барањето за техничката влада, а СДСМ остана на инсистирањето таа да се формира.

Доста црно е сценариото за Македонија, но тоа е реалната ситуација. ЕУ со самото тоа што држи неутрална позиција и инсистира само на стабилноста, а не на демократијата, фактички ѝ прави мечкина услуга на Македонија, а не ги унапредува самата евроинтеграциите во земјата.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Не гледаме причина зошто би контактирале со нив на таа тема. Во моментот кога Груевски ќе се согласи да разговара за сите пет услови, од коишто четири се веќе содржани и во извештајот на Европската комисија, и во нацртот и во завршниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР после одржаните избори, во истиот момент СДСМ ќе може да каже дека постои простор за отпочнување на политички дијалог во Република Македонија“, вели Шилегов.

Директна порака, пак, до партиите вчера упати и досегашниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит, кој рече дека тие треба да ги решат сопствените разлики и да ги стават националните интереси пред партиските. Се огласи и новиот комесар за проширување Јоханес Хан кој побара од политичките партии брзо да влезат во политички дијалог во парламентот, а не, како што рече, надвор од него.

Според професор Здравко Савески, во овој момент нема подготвеност ниту кај опозицијата, ниту кај власта, да ги надминат несогласувањата и да го обноват дијалогот. Тој вели дека е добро да се има политички дијалог, но потребна е и демократија за тој да се одвива, па оваа ситуација очекува само продлабочување на јазот.

„Доста црно е сценариото за Македонија, но тоа е реалната ситуација. ЕУ со самото тоа што држи неутрална позиција и инсистира само на стабилноста, а не на демократијата, фактички ѝ прави мечкина услуга на Македонија, а не ги унапредува самата евроинтеграциите во земјата“, вели Савески.

Инаку и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава објавен во октомври се наведува дека решавањето на политичка криза е одговорност и на владата и на опозицијата кои треба да обезбедат политичката дебата пред сè да се одвива во парламентот и да придонесат да се создадат услови за негово добро функционирање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG