Достапни линкови

Студентите и Адеми немаат за што да разговараат


Студентски пленум во Скопје.
Студентски пленум во Скопје.

Студентите најавуваат нов марш и остануваат на ставот дека се против државен испит. И Министерот си останува на ставот, но да има државен испит.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми не се откажува од идејата за воведување на државен испит на универзитетите, а од Студентскиот пленум и натаму се против реформата во високото образование и најавија нови протести во наредната недела. Студентите по синоќешниот петти пленум по ред и прв по протестите донесоа одлука за спроведување на нов марш. Пленумот студентите го свикаа бидејќи, како што велат, иако биле доволно гласни, не биле слушнати од премиерот Никола Груевски и министерот Адеми.

Поради непостоење на дијалог меѓу Студентскиот пленум и министерот. Студентскиот пленум се одлучи да оди повторно со марш.
Владимир Делов, Студентски пленум.

Владимир Делов од Студентскиот пленум вели дека точниот датум кога ќе се случи новиот марш ќе биде познат во четврток.

„Поради непостоење на дијалог меѓу Студентскиот пленум и министерот. Студентскиот пленум се одлучи да оди повторно со марш, значи ние сметаме дека има бројни недоследности во носењето на оваа лоша реформа, а како најзначајна би ја одредил едностраноста, односно неконсултирањето со пошироката јавност“, вели Делов од Студентскиот пленум.

Адеми порача дека не сакал да се сретне со нив, бидејќи се уште не бил утврден предлогот.

Јас сакам да има државен испит, тие не сакаат. Дали тоа значи дека ние не треба да комуницираме? Напротив ќе треба да седнеме, ние да ги изложиме нашите аргументи, да ги слушнеме и нивните аргументи.
Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука.

Тој најави дека најверојатно на следната седница на владата во вторник ќе се дискутира и за државниот испит. Адеми истакна и дека би сакал предлозите на студентите да ги слушне откако министерството ќе излезе со конкретниот предлог и со аргументи. Но, како што вели тој средба нема да има ако биде условен од студентите дека не го прифаќаат државниот испит.

„Јас сакам да има државен испит, тие не сакаат. Дали тоа значи дека ние не треба да комуницираме? Напротив ќе треба да седнеме, ние да ги изложиме нашите аргументи, да ги слушнеме и нивните аргументи. Студентите ги бранат, наводно да речам, нивните интереси, интересите на студентите, професорите на професорите, ние мора да ги имаме предвид интересите и целите и на државата и на општеството. Ние не сме против студентите, тоа треба да биде јасно, особено на студентите, затоа што се грижиме за студентите“, вели Адеми.

Делов додава дека тие се против воведувањето на државниот испит од самиот почеток и не отстапуваат од нивното барање за негово повлекување.

„Ние сметаме дека нема за што да разговараме за предлог модел на државниот испит. Она за што ние разговараме е укинување на идејата, односно укинување на предлог законот за државен испит.“

Адеми посочи дека откако ќе биде утврден предлогот за државниот испит на владината седница тој ќе биде доставен до универзитетите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG