Достапни линкови

Прво го уништија, па го оправаат високото образование


Kонференција на тема „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“.
Kонференција на тема „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“.

Владата на се повлекува од идејата за оценување на студентите, напротив демонстрираат уште поголема волја или одлука тоа да се спроведе, само што проблемот е што и таа не знае како тоа ќе го оствари, вели професор Светомир Шкариќ.

Ден откако претставниците на Студентскиот пленум побараа средба со министерот за образование Абдулаќим Адеми, од институцијата што ја раководи, нема одговор дали таа ќе се реализира утре како што беше побарана во дописот.

„Пред сè ние сме за невоведување на државните испити на универзитетите. Сметаме дека имаме дијаметрално спротивни барања и би сакале да разговараме околу истите.
Владимир Делов, Студентски пленум.

Владимир Делов од Студентскиот пленум вели дека нив се уште никој не ги контактирал за барањето за средба на која тие сакаат да ги дефинираат црвените линии на двете страни за да виделе дали има простор за некаков дијалог.

„Пред сè ние сме за невоведување на државните испити на универзитетите. Сметаме дека имаме дијаметрално спротивни барања и би сакале да разговараме околу истите“, вели Делов кој додава дека очекуваат да има простор за дијалог оти тие биле за реформи во високото образование, но не за конкретна мерка за која, како што вели, се уште не слушнале образложение како ќе го подобрела квалитетот.

Не може така на брзина да се вршат такви зафати без претходна анализа и дебата на универзитетите. Причините за ваквите состојби не се студентите, причините се пред сè мерките на владата донесувани во последните неколку години.
Светомир Шкариќ, професор по уставно право.

Во врска пак со најновата најава од министерството со која се предвидува ако студентите три пати паднат на државниот испит да даваат пари Делов одбива да коментира.

„За нас моделот сам по себе веќе е толку бизарен, што покажа дека не ги исполнува своите очекувања да го подобри квалитетот во високото образование“, вели Делов.

Тоа е уште еден доказ дека владата не знае што работи и не ја разбира природата на проблемот, смета професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

„Ако владата не подразмисли, ако не го спроведе тоа што го ветува повеќе пати, дека ќе отвори дијалог со студентите, ако не дојде до вистината, не може тој испит да даде никаков резултат. Згора на тоа ако вака утврдуваат и наплат за испитите проблемот ќе биде уште поголем“, вели Шкариќ и додава дека без разлика дали се работи за државен испит или за екстерно тестирање со тоа се повредува автономијата на универзитетот и е противуставен чекор. Тој вели дека владата е во право кога вели дека има студенти кои поминуваат без знаење и дека дипломите се обично парче хартија, но додава дека тоа не може да се надмине на ваков начин. По неколкуте различни најави околу надворешното тестирање кои дојдоа од владините претставниците впечатокот на Шкариќ е дека сепак тие не се повлекуваат од идејата.

„Напротив демонстрираат уште поголема волја или одлука тоа да се спроведе, само што проблемот е што и таа не знае како тоа ќе го оствари. Затоа мислам дека не може така на брзина да се вршат такви зафати без претходна анализа и дебата на универзитетите. Причините за ваквите состојби не се студентите, причините се пред сè мерките на владата донесувани во последните неколку години во врска со дисперзијата на студиите во внатрешноста, отворање на голем број универзитети и факултети, никаков интерес на одборот за акредитација и најпосле голема импровизација во остварувањето на тој процес што самите факултети го спроведуваат“, вели Шкариќ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG