Достапни линкови

Шкариќ - Знаењето може да го проверува само тој што знае повеќе


Испитувањата и проверката на знаењето им припаѓа на оние кои што го даваат односно на професорите и не може некое друго тело да ја врши таа проверка, оценува во разговорот за Радио Слободна Европа, професорот по уставно право Светомир Шкариќ. Според него, проблеми во високото образование има многу, но не можат да се решат на ваков начин, односно преку воведувањето на надворешно тестирање.

Професор Шкариќ, какво е вашето мислење за најавениот државен испит или екстерно тестирање?

Мерката, и државниот испит и кој било друг облик на екстерна проверка на знаењето, се противуставни затоа што длабоко ја повредуваат автономијата на Универзитетот. Испитувањето, проверката на знаењето им припаѓа на оние коишто тоа знаење им го пренесуваат на студентите, а тоа се професорите и целиот друг стручен и помошен кадар што работи во одредена образовна институција. Непримерно е и нелогично, владата, или преку Одборот за акредитација или преку некое друго тело, да ја врши таа проверка. Едноставно тоа е невозможно, тоа е илузија. Знаењето може да го проверуваат само оние што знаат повеќе од оние што се проверуваат. Има ли таков Одбор за акредитација, особено ако биде составен од девет члена, кој може да ги покрие сите предмети што се предаваат во прва и во втора година? Јас како професор одвај го покривам знаењето што припаѓа во областа на Уставното право или што се проучува во таа област и тоа со подолго работење од 40 години. Ова, ако се прифати и спроведе вака, испитот ќе биде висок степен на импровизација без ефекти, но од друга страна ќе биде големо малтретирање на студентите. Владата или премиерот се во право кога констатираат дека има студенти коишто немаат знаења, дипломите се обична хартија, со други зборови се констатираат одредени деформации. Такви деформации постојат во уште поголем обем отколку што може премиерот или некој друг да го знае. Тие деформации, пропусти, слабости треба да ги утврдат пред сè универзитетските средини, професорите и студентите, таму да се отвори дебата за универзитетот.

Во меѓувреме беше најавено дека ќе се бараат пари доколку студентот го полага испитот повеќе од три пати.

Тоа е уште еден доказ дека владата не знае што работи и не ја разбира природата на проблемот. Не знае што е тоа универзитетот, што е испит, што се студенти. Тоа е доказ дека владата нема сенс за тоа што го прави, но не само за тоа прашање, речиси за сите прашања поврзани со универзитетот. Универзитетот е деградиран, посебно од почетокот од кога се воведе Болоњскиот процес. Болоњскиот процес го потпиша и го прифати владата уште од времето на Црвенковски, меѓутоа владата уште од тогаш, 2004-2005 година, речиси ништо не презела за операционализација на тој Болоњски процес, а потоа за време на оваа влада донесени се повеќе интервенции во областа на високото образование, променет е повеќе пати законот за високо образование и секоја од мерките преземени по пат на закон, значеа и значат понатамошна деградација на автономијата, а од друга страна универзитетот молчи, особено молчат професорите. Зошто? Затоа што на свој грб носат голем број на деформации, не се спремни и тие да го спроведуваат Болоњскиот процес и затоа мислам дека не треба да се брза со оваа мерка, треба да се отвори дебата, на студентите да им се отвори можност да дебатираат на своите факултети. На што личи тоа, деканите, слушам во Битола, во Штип, веројатно и во Скопје, не им дозволуваат на студентите да водат дебата за тие прашања или да протестираат. Тоа не само што не е логично, не само што не е хумано, тоа е антицивилизациско.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG