Достапни линкови

Гитаристот Наумоски со серија рецитали низ Македонија


Со програма во која се дела на творци како Виљалобос, Родриго, Тарега и Џулијани, овој четврток, на 20 ноември, во 19.30 часот, на малата сцена на Н.У – Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, рецитал ќе одржи гитаристот Борче Наумоски. Овој перформанс е прв во серијата која ќе продолжи во Велес и ќе кулминира со настапот на првиот Национален фестивал за класична гитара што на почетокот од следниот месец ќе се одржи во Скопје.

Одбрав да ги свирам композициите на автори како Виљалобос, Родриго, Тарега и Џулијани, затоа што тие, според мене, си имаат своја приказна. Јас тргнувам од неа и додека ги свирам, подготвувајќи се за рециталот, и самиот си создавам сопствена сторија – ќе забележи гитаристот Борче Наумоски, во пресрет на својата серија на концертни настапи која ќе почне овој четврток во Куманово, па преку Велес, ќе кулминира во киното „Фросина“ на првиот Национален фестивал за класична гитара што на 5 декември ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

Тој момент каде што има комуникација на изведувачот со публиката за мене претставува една голема одговорност. Притоа јас со сета умешност како инструменталист пребирајќи по жиците се трудам на присутните нешто да им раскажам, да им доловам, за после сето тоа да остане во нив и така да го запомнат концертот.
Борче Наумовски, гитарист.

„Тој момент каде што има комуникација на изведувачот со публиката за мене претставува една голема одговорност. Притоа јас со сета умешност како инструменталист пребирајќи по жиците се трудам на присутните нешто да им раскажам, да им доловам, за после сето тоа да остане во нив и така да го запомнат концертот. Нема многу концерти за класична гитара во Македонија затоа и јас имам желба и мотивација да свирам рецитали за да може публиката да се запознае со класичната гитара“, вели Наумоски.

Уметникот дополнува дека милува да се претставува на рецитали затоа што е уверен дека, иако се работи за позната програма за класична гитара, сепак секоја нова изведба на делата со себе носи нова енергија и нова возбуда, поинакво видување.

Секое дело на секој следен концерт не може да биде на ист начин изведено. И во тоа е магијата на свирењето рецитали затоа што на секој нов рецитал од некаде ми надоаѓа некоја нова идеја што сакам да ја вментам во композицијата и така да и ја претставам на публиката, да и понудам нешто ново, нешто што дотогаш можеби и не било изведено.
Борче Наумовски, гитарист.

„Секое дело на секој следен концерт не може да биде на ист начин изведено. И во тоа е магијата на свирењето рецитали затоа што на секој нов рецитал од некаде ми надоаѓа некоја нова идеја што сакам да ја вментам во композицијата и така да и ја претставам на публиката, да и понудам нешто ново, нешто што дотогаш можеби и не било изведено“, ќе рече гитаристот.

Роден 1982 година, Борче Наумоски средното образование го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во класата на професор Владо Станковски. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирал под менторство на познатиот српски гитарист и педагог Срѓан Тошиќ.

Во текот на додипломските студии настапувал со бројни камерни состави, а за време на магистерските студии ја започнува и професионалната концертна кариера со бројни солистички концерти.

Тој е добитник на втората награда на реномираниот Наисус гитар фест, а денес работи како професор во училиштето каде што го започнал своето музичко образование.

Говорејќи за комуникацијата со своите ученици, за она што се обидува ним да им го пренесе како знаење, Наумоски појаснува дека тој првично се труди тие најнапред да ја совладаат техниката на свирење, за потем да започнат со фразирање и конечно да почнат да си создаваат свое мислење и да имаат идеи како треба да изгледа, да звучи една композиција. Вели дека треба да се слушаат старите мајстори затоа што тие знаат целиот свој живот, сето искуство што го стекнале, да го пренесат преку инструментот. Потенцира дека до сопствен стил не се стигнува лесно.

„Било кој изведувач за да стигне до тој стадиум за да може тоа да го прави треба да помине долг период работа и со повеќе професори за да добие искуства, знаења и мислења од други, за да може после да си формира, заокружи свое мислење. И да си формира свој вкус. Свој стил на изведба“, вели тој.

За себе уметникот вели дека строго и се посветил на класичната гитара и дека и припаѓа на групата која е убедена дека во Македонија има плодна почва за развој во овој домен.

„Може да се каже дека Македонија тргна од мртва точка со класичната гитара затоа што во земјава тој инструмент се изучува релативно краток временски период. Така што, се надевам дека во наредните неколку години учениците заедно со студентите од Факултетот ќе постигнат многу поголеми успеси и убеден сум дека Република Македонија ќе може да се носи со другите балкански, но и европски земји во смисла на интерпретација и изведувачи на класична гитара“, вели музичарот.

Наумоски е убеден дека во целата таа приказна од голема полза се и фестивалите и нагласува дека покрај постојните „Тремоло“, „П.С. Гитар фест“, новиот Национален фестивал за класична гитара има простор и за уште еден.

„Колку повеќе фестивали има во Македонија за класична гитара толку подобро, затоа што тоа се местата каде што може изведувачите да свират концерт. А, кога некој друг ви организира сала, публика, кога зад вас стои некоја организација, многу е поедноставно да се спремиш и да излезеш и да свириш отколку да спремаш концерт и сам да си го организираш. Затоа тие фестивали се добра работа, та дури сметам дека има простор за уште еден да се направи, се разбира ако се може“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG