Достапни линкови

Релативно стабилна владината коалиција


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Политичките аналитичари се убедени дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е брак од интерес и дека тој нема да се распадне сè додека постојат заеднички интереси околу кои се обединуваат двете партии.

Во една владина коалиција нормално е да има недоразбирања и различни видувања за одредени прашања, но стабилноста на коалицијата е релативна работа, вели вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Муса Џафери, откако во јавноста се појавија информации дека владината седница на која се расправало за можно затворање на фабриката Југохром поминала во исклучително тензична атмосфера.

Една владина коалиција е жива динамика која работи секојдневно. Не може да се прејудицира која ќе биде најчувствителна точка каде може конфликтот да оти до тој степен што нема веќе простор за заедничко менаџирање.
Муса Џафери, вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор.

Во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вицепремиерот Џафери негира дека премиерот Груевски побарал од министрите на ДУИ да ја напуштат седницата затоа што имале различни ставови за прашањето по кое се расправало. Вели дека политичката култура и зрелост на министрите во Владата не дозволува такво однесување.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

„Една владина коалиција е жива динамика која работи секојдневно. Не може да се прејудицира која ќе биде најчувствителна точка каде може конфликтот да оти до тој степен што нема веќе простор за заедничко менаџирање“, вели Џафери.

Ова што се случува помеѓу нив како судири и недоразбирања е сосема нормално во коалициите затоа што секој ги брани своите интереси. Оваа коалиција ќе се растури единствено кога ќе дојде до судир меѓу нивните интереси.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

Политичките аналитичари се убедени дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е брак од интерес и дека тој нема да се распадне сè додека постојат заеднички интереси околу кои се обединуваат двете партии.

„Ова што се случува помеѓу нив како судири и недоразбирања е сосема нормално во коалициите затоа што секој ги брани своите интереси. Оваа коалиција ќе се растури единствено кога ќе дојде до судир меѓу нивните интереси“, изјави политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ.

Покрај недоразбирањата во владината коалиција, вицепремиерот Џафери не негира дека постојат и внатрешни недоразбирања во Демократската унија за интеграција. Демократски е секој да размислува со своја глава, но постои партиска програма до каде може да се оди со таквите размислувања, вели Џафери. Уверува дека фракции во партијата нема и нема да има.

„Има десет години како медиумите и невладините организации пишуваат дека во ДУИ ќе има фракција, во ДУИ има раскол, за жал на тие што тоа го очекуваат, тоа уште го нема, нема да го има и да не се молат на тоа“, вели Џафери.

Токму ваквите размислувања, пак, според Стојадиновиќ, не се добри за развојот на една партија. Кај нас ниту една партија, независно од која провиниенција е, не е подготвена за фракционерско делување.

„Нашите политичари сè уште се политички нетолерантни и несигурни. Не сакаат да толерираат различно мислење, затоа што сметаат дека секое различно мислење во нивната партија атакува на нивната позиција“, вели таа.

Иако фракционерството во политичките партии е нормална работа насекаде во светот, и тоа значи толеранција на различни мислења во рамките на партијата, Стојадиновиќ потсетува дека искуството кај нас покажа дека оние кои ќе се обидат да дејствуваат фракционерски, најчесто завршуваат со исклучување од матичната партија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG