Зошто граѓанските иницијативи во земјава не се успешни како во другите земји и кои се причините за таквата фактичка ситуација е еден од текстовите кои предизвикаа многу реакции на нашaтa Фејсбук фан страна. На реакциите од аналитичарите дека вината е во глувиот однос на институциите, Жарко Стојановски напишал: На кој не му се допаѓа било што, слободно нека си оди од државата. Лаки Андонов пак прашува: Кај беа овие да штрајкуваат кога се продаваше ЕВН? Ете им ги сега Австријците. Нема живот овде, кој може нека бега, се надоврзува Димитар Миладинов.
Не ви е крив ни Грујо, ни власта, ни опозицијата ви е крива, ни Бранко, ни никој не ви е крив. Самите сте криви, вие си излегувате на секои избори и си гласате, едни протестираат, други аплаудираат.Коментар од читател.
Во контекст на апатијата и стравот кај граѓаните да го изразат своето мислење јавно, Александар Поповски коментира: „Не ви е крив ни Грујо, ни власта, ни опозицијата ви е крива, ни Бранко, ни никој не ви е крив. Самите сте криви, вие си излегувате на секои избори и си гласате, едни протестираат, други аплаудираат.“
Наместо училиштето да е забава, тоа стана мачилиште и за децата и за професорите.Коментар од читател.
Она што исто така предизвика бура од реакции кај оние што редовно ја следат нашата Фејсбук страна, е текстот кој се осврнува на наставниците и високите казни од 15 отсто од платата за цела година поради различните резултати на екстерното тестирање и оценките на учениците што тие им ги дале. На оваа мерка Менде Кело иронично коментира: казни за липите што растураат лисја, а Елена Божиновска додава: казна и затоа што дишете. Венета Коруновска пак вели: Екстерно има и во други држави, но не за казнување, туку за подобрување на наставата, распрашајте се подобро. Горан Јелиќ, пак, додава: Ова цело екстерно е толку глупаво што не можеш да сфатиш како им текнало. Наместо училиштето да е забава, тоа стана мачилиште и за децата и за професорите. Сите што имаат пари си ги дадоа децата во приватно училиште да не им ги „зафркава“ државата, вели Јелиќ и додава „Наместо Министерство за образование, ние имаме Министерство за глупости“. На ова, пак, реагира Фаница Митева и вели: Даскалите одат на работа не за да го исполнат слободното време, туку да пренесат знаења на учениците и да се гордеат со нивните успеси. Учителот е горд, ако ученикот е подобар од него.
Доста коментари предизвика и текстот посветен на ловот по странски инвестиции на владината делегација во Соединетите Држави. На фактот дека во првите осум месеци за 11 милиони евра помалку странски инвестиции од истиот период лани, Ибрахим Синаи коментира: Помалку инвестиции, помалку крадење, додека, пак, Пане Цветковски вели: Чекајте нека присоберат уште некој месец од казнивe, a Тони Василевски додава: ќе дојдат полека, полека, гледајте Сител може побрзо ќе стигнат. Дејан Бошковски, пак, напишал: Оваа влада, како и таа пред неа и таа после неа се исти по принцип, згази па владеј, осиромаши, па владеј и што сакате повеќе, некој играчки си игра со пари, а некој леб нема да јаде, а по цел ден работи.
На темата дали младите во земјава би се осмелиле да почнат сопствен бизнис, коментира Фадиљ Шулоски. Тој пишува: Најголема заработка е да избегаш од оваа држава, а после сè ќе си дојде на свое место, почнувајќи од елементарната свест и култура, па до чувството дека некој утре ќе те почитува дека вредиш како човечко суштество.
Веста, пак, дека по средбата на Заев со Жерновски и Петковски, опозицијата останува надвор од парламентот, ја коментира Зоран Николовски, кој вели: Секоја чест, вие сте прави македонски предавници и така воопшто нема да дојдете на власт. Ќе чекаме некоја трета власт, оти од вас и од сегашнава воопшто не го фасциниравте обичниот граѓанин. А Борче Пауновски, пак, заклучува: Немам коментар, сè е кажано, нека им служи на чест!