Достапни линкови

Куршуми во владата и ширење страв!


Синоќа два куршуми биле испукани кон владината зграда, соопшти полицијата. Сличен инцидент се случи и во 2007 година, но сторителите не беа пронајдени.

Два куршуми синоќа завршиле во фасадата на зградата на Владата, соопшти министерската за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која прецизира дека настанот се случил околу 22 часот по што лицето задолжено за обезбедување во полиција јавило дека се слушнале две експлозии.

По пребарување на теренот, утврдено е дека два проектили завршиле во зградата на Владата. Проектилите се подигнати, предадени се на понатамошно вештачење во функција на откривање на повеќе информации за типот на оружјето, за правецот од каде доаѓале, за евентуалните сторители и се разбира на крајот за мотивите.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

„По пребарување на теренот, утврдено е дека два проектили завршиле во зградата на Владата. Проектилите се подигнати, предадени се на понатамошно вештачење во функција на откривање на повеќе информации за типот на оружјето, за правецот од каде доаѓале, за евентуалните сторители и се разбира на крајот за мотивите“, рече Јанкулоска.

Од Владата денеска велат дека вчера немале владина седница, иако вообичаено ги одржувале седниците во вторник, но овонеделната била закажана да се одржи денеска поради тоа што премиерот бил на службен пат во Белгија.

Препорачливо е час поскоро полицијата да ги открие сторителите на кривичното дело со што би покажала дека е спремна да се бори со сите видови на криминал, вклучително и ваквиот како најтежок вид на криминал.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор.

Според професор Владимир Пивоваров, генерално е рано да се зборува, бидејќи, како што вели, сè уште нема поконкретни информации, но додава дека со ваквите настани се праќаат одредени сигнали.

„Доколку тоа некој сакал да го стори, да направи штета од аспект на терористички акт, секако дека би посегнал по тоа да има и човечки жртви, вака сега ќе има само медиумско запознавање на јавноста и внесување на страв кај граѓаните, затоа препорачливо е час поскоро полицијата да ги открие сторителите на кривичното дело со што би покажала дека е спремна да се бори со сите видови на криминал, вклучително и ваквиот како најтежок вид на криминал“, вели Пивоваров.

Инаку ова не е првпат да биде пукано во близина на зградата на македонската влада. Во 2007 година полицијата соопшти дека блиску до зградата, исто така во ноќните часови, биле испукани две гранати од противпешадиско оружје. Проектилите завршија во близина на бензинската пумпа на „Макпетрол“ и во бетонско ѕидче пред јапонскиот конзулат. Тогашниот владин портпарол Ивица Боцевски беше дециден. Тој рече дека владата го сметала нападот за терористички чин, тврдејќи дека пораката била примена, но оти со неа само се зацврстила нивната одлучност да продолжат со истите политики што ги спроведувале и дотогаш. МВР досега не ги пронајде сторителите, ниту нарачателите на тој инцидент.

„Ако го земеме Скопје предвид, бидејќи тука се случуваа ваквите акти, ние имаме стратешки видео надзор, сега се поставува прашањето дали тој стратешки видео надзор функционира, бидејќи во опкружувањето на владата има многу раскрсници, каде што по логика морало да се движат во некој правец, таквите извршители, значи морало да биде регистрирано нивното пристигнување, извршување и заминување од местото на настанот, морало да биде регистрирано, значи техничките помагала се основа која може да помогне во ваквата ситуација“, вели Пивоваров и тврди дека во Велика Британија и во Соединетите Американски Држави неколку терористички напади се откриле токму со помош на таквите камери.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG