Достапни линкови

Балканците од Исламската држава се враќаат дома


Поради сè поинтензивната меѓународна кампања против Исламскиот калифат има враќање на лицата од регионот кои учествувале на воените фронтови во Сирија и во Ирак, иако нивниот број таму не е драстично намален.

Бројот на лица од Македонија и регионот кои заминуваат во кризните подрачја, како што се Сирија и Ирак, не е драстично намален, оценуваат властите. Но, поради сè поинтензивната меѓународна кампања против Исламскиот калифат има враќање на лицата кои учествувале на воените фронтови во овие држави, вели Тони Јакимовски, национален координатор за борба против тероризмот.

Борците кои одат во Сирија и Ирак го користат правото на тримесечен престој во Турција, на легален престој, и пробуваат да не го злоупотребат тоа за да можат, пак, да влезат на таа територија.
Тони Јакимовски, национален координатор за борба против тероризмот.

Според него, во Македонија сè уште не постојат индикатори кои укажуваат на можни терористички акти, но државата останува будна за да не дозволи да се случи такво нешто во наредниот период.

„Борците кои одат во Сирија и Ирак го користат правото на тримесечен престој во Турција, на легален престој, и пробуваат да не го злоупотребат тоа за да можат, пак, да влезат на таа територија. Повеќе пати имаме повеќе лица кои биле повратници, ќе дојдат на територија на Македонија и после извесно време, пак се враќаат на боиштата. Но, мислам дека одиме на тоа да се намали интензитетот на нивното одење и радикализацијата овде е многу важен елемент кој ако успееме да го намалиме ќе го намалиме и тој тренд на одење на боиштата“, рече Јакимовски.

Прашањата поврзани со злоупотреба на религијата, со екстремна радикализација која води кон насилство и тероризмот се прашања за кои ние сме упатени едни од други во насока на размена на информации поврзани со националната безбедност на државите.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

Тој вели дека злоупотребата на религијата е главниот мотив, но измените на кривичниот законик отвараат многу повеќе можности за санкција на сите оние кои ќе се борат во странски воени и паравоени формации.

„Колку успеваме да ги убедиме колку е тоа исправно во нивниот живот, тоа е сепак лично, рече Јакимовски.

Во Охрид се одржуваше меѓународна конференција на тема „Тероризам, превенција од радикализација на младата популација“ на која учествуваа припадници на разузнавачки и безбедносни служби на повеќе земји од регионот, а која беше од затворен тип.

Министерската за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вели дека ниту една институција не води евиденција на такви бројки и не поседува официјални податоци за бројот на млади лица.

„Оперативните информации со кои ние располагаме не се предмет на споделување со јавноста. Прашањата поврзани со злоупотреба на религијата, со екстремна радикализација која води кон насилство и тероризмот се прашања за кои ние сме упатени едни од други во насока на размена на информации поврзани со националната безбедност на државите, но и на координирана активност на спречување и сузбивање на ваквите појави. Кога станува збор за безбедноста, навремената размена на точни информации е нешто може најмногу да помогне“, рече Јанкулоска.

Таа посочи дека службите за безбедност биле добро координирани, а управата за безбедност и контраразузнавање била секојдневно будна. Според неа, државата последната година направила сериозни чекори за справување со ваквите предизвици.

XS
SM
MD
LG