Достапни линкови

Сиромашни училишта, лоша хигиена


Лошата финансиска состојба на битолските училишта влијае врз хигиената во школите, обвини опозицијата. Власта се брани дека ги зголемува инвестициите во образованието.

Битолските училишта продолжуваат да тонат во долгови, половината се со блокирани сметки, а лошата финансиска состојба влијае врз хигиената во школите. Дури десетина во изминатиот период биле казнети од санитарната инспекција. За ова обвини опозицијата на општинскиот Совет каде се расправаше за работата на основните и средните училишта.

Ќе цитирам делови: санитарни јазли несанирани, покриви кои имаат потреба од санирање, недоволна опременост со наставни средства и помагала, постоење на нефункционални чешми во училиштата...
Наташа Петровска, СДСМ.

„Финансиските проблеми ги гледаме во извештаите и наставните програми. Ќе цитирам делови: санитарни јазли несанирани, покриви кои имаат потреба од санирање, недоволна опременост со наставни средства и помагала, постоење на нефункционални чешми во училиштата, застарена водоводна инсталација, низок степен на хигиена во тоалетите“, изјави Наташа Петровска од СДСМ.

„Во изминатиот период десет училишта беа казнети од санитарна инспекција. Казните изнесуваат 1.500 евра за училиште, 250 евра за директор. Поради блокираните сметки не можеа да се платат кога доспеаја, па сега се удвоени на 3.000 евра по училиште. Ќе ве повикам директорите во интерес на здравјето на децата да излезете и да побарате од одговорните да ги исчистат сите јавни депонии кои се појавени во близина на училиштата“, рече Александар Касаповски од ЛДП.

Од советничкото мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, одговорија дека се вложуваат многу средства во образованието, се реновираат школите, тоалетите, покривите, дограмата.

„Од државниот буџет за 2015 година 600 милиони денари за образование, спорт кој во дел го допира образованието, 295 милиони денари, градинки 138 милиони денари, општини кои во доменот имаат образование 600 милиони денари. Ова е само еден дел од буџетот кој го засега образованието, така што ние остануваме на определбата неколкукратно повеќе од пред 2006 година да вложуваме во образованието и да правиме долгорочни стратегии“, изјави Благој Шаклевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG