Достапни линкови

Секоја недела гине по еден работник


Илустрација.
Илустрација.

Од 2010 до 2013 година, 161 работник загинал на работното место, а 511 се здобиле со повреди при работа, покажуваат податоците на Македонското здружение за заштита при работа.

Во Македонија секоја недела по еден работник го губи животот на работното место. Според овие податоци на Македонското здружение за заштита при работа, во периодот од 2010 до 2013 година, 161 работник загинал на работното место, а 511 се здобиле со повреди при работа.

Голем дел од луѓето на кои се однесува оваа активност се луѓе кои дури и немаат претстава за што станува збор кога зборуваме за безбедноста и здравјето при работа. Често пати луѓето сметаат дека друг треба да ја организира безбедноста и здравјето при работа за таа да профункционира.
Милан Петковски, претседател на Здружението за заштита при работа.

Иако овие бројки се разликуваат од оние на Државниот инспекторат за труд, смртноста при работа е голема. Претседателот на здружението за заштита при работа, Милан Петковски, потенцира дека големата смртност и повредите на работните места се случуваат поради слабото познавање на мерките за безбедност и здравје при работа од страна на работниците и работодавачите.

„Голем дел од луѓето на кои се однесува оваа активност се луѓе кои дури и немаат претстава за што станува збор кога зборуваме за безбедноста и здравјето при работа. Често пати луѓето сметаат дека друг треба да ја организира безбедноста и здравјето при работа за таа да профункционира“, вели Петковски.

Обично на газдите не им се исплатува да потрошат дополнителни пари за да ги обезбедат критериумите за заштита на работниците на работното место. Кај синдикатите и кај самите работници, пак, постои недоволна иницијатива нивните работодавачи да ги почитуваат одредбите од овој закон.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Професор Здравко Савески смета дека Законот за здравје и безбедност при работа е еден од подобрите во трудово-правната материја, но проблемот е што неговите одредби не се применуваат.

„Обично на газдите не им се исплатува да потрошат дополнителни пари за да ги обезбедат критериумите за заштита на работниците на работното место. Кај синдикатите и кај самите работници, пак, постои недоволна иницијатива нивните работодавачи да ги почитуваат одредбите од овој закон“, вели Савески.

За подобри услови и подигнување на јавната свест за овие прашања потребна е поголема обука за работниците. Но, помошта во оваа насока од граѓанските организации, синдикатите и работодавачите е на многу ниско ниво, смета Борче Стојчевски, инженер по заштита при работа.

„Мислам дека премногу декларативно оди соработката, значи само на хартија. Реално спроведувањето на соработката на институциите со невладиниот сектор за мене е на многу ниско ниво. Кога сакаме да поставиме некои измени, амандмани, некои закони или што било, секогаш сме биле расположени да дадеме некоја идеја за подобрување и јас се надевам дека ова што беше при последните измени на Законот за безбедност и здравје при работа нема да се повтори. Соработка меѓу државата и невладиниот сектор во моментов скоро и да нема. Затоа и се носат вакви закони какви што се сега, затоа имаме проблеми, сите, и синдикати и работодавци, па и државата сега веќе почнува да се сретнува со одредени проблеми, затоа што голем дел од тоа што е напишано е неприменливо“, вели Стојчевски.

Експертите истакнаа дека ќе го зголемат нивниот ангажман за подобра приемена на законите, зголемување на свеста кај работниците и промоција на стандардите за здравје и безбедност при работа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG