Каратистот Жарко Арсовски му донесе нов голем успех на македонскиот спорт, откако минатиот викенд го освои првото место во категоријата „над 84 килограми“ во годинашната светска Премиер лига. До овој подвиг, единствениот Македонец со медал од сениорско СП во карате (бронза пред 4 години во Белград), стигна откако прво триумфира на најсилниот турнир во Париз во јануари, по што, со солидните настапи на натпреварувањата во Алмере (Холандија), Лашко (Словенија), Ханау (Франкфурт - Германија), Истанбул (Турција) и во Салзбург (Австрија), до крајот на сезоната остана на лидерската позиција во својата конкуренција (дел од Премиер лигата се и турнирите во Џакарта - Индонезија и Окинава – Јапонија).
Искрено да кажам не очекував, затоа што на многу натпревари отидов повреден. Но, ете ова е за мене еден голем стимул, еден од моите поголеми резултати. Покрај тоа што бев трет на Светското првенство во 2010 година, ова претставува втор од најзначајните успеси за мене.Жарко Арсовски, каратист.
Да биде успехот поголем, Жарко годинава често се мачеше со повреди, поради што и при крајот на сезоната не помислувал на титулата „најдобар за 2014-та година“.
„Искрено да кажам не очекував, затоа што на многу натпревари отидов повреден. Но, ете ова е за мене еден голем стимул, еден од моите поголеми резултати. Покрај тоа што бев трет на Светското првенство во 2010 година, ова претставува втор од најзначајните успеси за мене. И се надевам дека во иднина ќе продолжам со ова исто темпо“, изјави Арсовски.
Исто така, моите спаринг партнери, европскиот првак Емил Павлов, кој што тренира нон-стоп со мене, а тренирам многу често и со четирикратниот европски шампион во јуниори, Берат Јакупи. И нормално, тука е нашата карате федерација којашто ни овозможува да настапуваме на Европски и на Светски првенства.Жарко Арсовски, каратист.
Тој во досегашната кариера беше и Медитерански шампион, а се закити и со златен и со бронзен медал на Универзитетско Светско првенство. Сето ова говори дека повеќекратниот државен првак години наназад е дел од светската елита, каде што опстојува со секојдневна макотрпна работа, но и благодарение на тренажниот процес којшто го спроведува неговиот брат и личен тренер Сашко Арсовски.
„Исто така, моите спаринг партнери, европскиот првак Емил Павлов, кој што тренира нон-стоп со мене, а тренирам многу често и со четирикратниот европски шампион во јуниори, Берат Јакупи. И нормално, тука е нашата карате федерација којашто ни овозможува да настапуваме на Европски и на Светски првенства“, вели каратистот.
Досегашните резултати и стекнатото искуство, го прават Жарко фаворит за висок пласман и на наредните натпреварувања, од кои прва беше Балканијадата, викендот во Охрид. Таму, тој се бореше за виза за настап во екипна конкуренција на СП, кое од 5-ти до 9-ти ноември ќе се одржи во Бремен (Германија). Идната година, пак, топ настан ќе бидат Европските олимписки игри во Азербејџан (во мај), каде што за првпат ќе се натпреваруваат и каратистите.
„Тоа е еден од моите најголеми предизвици досега. Претходно е Европското првенство, се надевам дека со медал од ЕП, или евентуално со петто место, ќе изборам пласман за да добијам норма за да учествувам на овие Европски олимписки игри и, нели, повторно да донесеме голем резултат за нашата држава“, истакна на крајот Жарко Арсовски.
Инаку, годинава со титулата најдобар во категоријата „до 84 килограми“ во Премиер лигата се закити и Берат Јакупи, а првото место во елитното натпреварување го имаат освоено и Наташа Илиевска (до 55 кг), Мартин Несторовски (над 84 кг, двајцата во 2011 година) и Огнен Груевски (до 84 кг, во 2012 година).