Достапни линкови

Бенигар: Нема рамки до каде програмски може да оди еден џез фестивал


Богдан Бенигар.
Богдан Бенигар.

Богдан Бенигар е долгогодишен уметнички директор на Џез фестивалот во Љубљана и уредник на програмата „Џезот и светската музика“ во Цанкаревиот дом. Наедно тој е програмски координатор на прочуениот словенечки фестивал „Друга годба“ и долгогодишен соработник на Радио Штудент. Конечно, Бенигар годинава е програмски директор и на Скопскиот џез фестивал.

Богдан Бенигар, долгогодишниот уметнички директор на прочуениот Љубљанскиот џез фестивал и програмскиот координатор на реномираниот словенечки фестивал „Друга годба“, е првиот странец кој по безмалку три децении се вклучува во тимот што организациски го потпишува Скопскиот џез фестивал.

Оваа покана ми е навистина многу драга и јас се надевам дека ќе ја оправдам довербата.
Богдан Бенигар, долгогодишен уметнички директор на Љубљанскиот џез фестивал.

Тој во наредните неколку години ќе биде програмски директор на манифестацијата која е едно од водечките културни случувања во Македонија, со традиција од 32 последователни години и со репутација на еден од водечките џез фестивали во Европа и во светот. Но Бенигар не е „нов“, ниту на Фестивалот, ниту во Македонија.

Мојот концепт се потпира на тоа да претставам некои проекти кои би биле можеби потполно нови за македонската музичка јавност и за кои јас мислам дека во дадениот момент се многу значајни во Европа.
Богдан Бенигар, долгогодишен уметнички директор на Љубљанскиот џез фестивал.

„Со Оливер Белопета се познаваме долги години. Тој цели пет години работеше на програмата на Љубљанскиот џез фестивал кога јас бев негов прв човек, а зад нас е и долгорочната соработка на различни проекти. Токму затоа и оваа покана ми е навистина многу драга и јас се надевам дека ќе ја оправдам довербата. Се разбира, притоа чувствувам огромна одговорност бидејќи знам дека Скопскиот џез фестивал е многу ценет во светот. Многупати сум бил во Скопје за време на неговото одржување и јасно ми е дека ова е еден од фестивалите со најголема посета во Европа и дека тоа е едно од најважните културни случувања во Македонија. Затоа и на годинешната програма и пријдов со нагласена одговорност и со желба за вистинско мое претставување пред овдешната јавност. Оние кои знаат што правам во Љубљана, кога би ја виделе оваа програма на Скопскиот џез фестивал, слободно можат да заклучат дека било вложено многу труд во нејзината подготовка и дека сме направиле избор на учесници, кој според моето нескромно мислење, не би смеел да биде полош од годините кога Оливер тоа сам го правеше“, вели Бенигар.

Говорејќи за неговата определба, тој нагласува дека во ваквите случаи и не постои некаква потполна слобода за да направиш програма со имиња што тебе лично ти се бендисуваат. Вели дека тука се околностите што треба да ги прифатиш на просторот во кој фестивалот егзистира. Всушност, да внимаваш дека Фестивалот си има свои спонзори, дека во приказната треба да бидат вклучени амбасадите и културните центри кои се во земјата, но потенцира дека тоа не би требало да биде проблем „бидејќи тогаш стануваш свесен дека постои некоја основа, некоја база од каде што тргнуваш“.

„Мојот концепт се потпира на тоа да претставам некои проекти кои би биле можеби потполно нови за македонската музичка јавност и за кои јас мислам дека во дадениот момент се многу значајни во Европа. Дека се случуваат некои нови музики кои неминовно треба да бидат на програмата на манифестацијата. Всушност се стремев и кон тоа полноќната програма да ја има истата тежина како и онаа во големите сали, како и кон тоа целата понуда да биде жанровски разновидна. Има и една друга новина која годинава по прв пат ќе биде промовирана на Фестивалот, а тоа се дневните концерти. Имено, во недела, на последниот ден од Фестивалот првиот концерт, оној на Нед Ротенберг и Саинко Намчилак, ќе се одржи во 13 часот. Јас лично имав на ум повеќе вакви концерти со идеја дека треба Фестивалот да се случува не само ноќе туку преку целиот ден, но овој пат за жал тоа финансиски тешко беше изводливо. Колку што се сеќавам, а одамна ме има на манифестацијата, ова е прв ваков чекор на дневни настапи на Скопскиот џез фестивал. Треба да работиме на дружбата со музичарите и со гостите“, вели Бенигар.

Запрашан, пак, за неговиот личен печат врз вкупната понуда на 33-от Скопски џез фестивал, тој откако ќе потенцира дека ја потпишува и одговара за комплетната програма, сепак не крие дека „она што ќе се случува во петок на 17 октомври, концертите на ФАЈР! ОРКЕСТРА од Шведска, НИК БАРЧС РОНИН РИТАМ КЛАН од Швајцарија и конечно Белгијците ДЕНС ДЕНС, е нешто за кое во Европа се знае дека го потпишува само Богдан Бенигар“.

„Тоа е комплетно моја оригинална идеја и таква вечер досега немал ниту еден друг џез фестивал на Стариот континент, па ни во светот. Тоа е мојот поглед на музиката денес. Независно од тоа дали станува збор за нешто што именувате како „џез фестивал“, сепак во ова време никако не можат да се определат границите до каде може да оди неговата програма. Колку широко или колку тесно. Тие рамки денес никој не може да ги стави и оние кои ги знаат моите програми знаат дека жанровски се многу разновидни и дека од изведувачите барам оригиналност, автентичност во она што го творат и се разбира сите тие да тежнеат кон џезот. Всушност, тие треба често да бидат присутни на џез фестивалите, иако за она што го свират и не мора да кажеме дека е „џез“. Битно е тие да тежнеат кон џезот, кон импровизациите. И затоа мислам дека тој втор ден од Фестивалот ќе ни биде спектакуларен и навистина многу се радувам на тоа. Дури и не сум нешто сигурен дека таков избор би можел да направам во Љубљана, па затоа сигурен сум дека токму поради овој петок мнозина љубители на музиката од регионот ќе допатуваат во Македонија. Со тоа не би сакал да ги потценам останатите три вечери бидејќи сите заедно се една програмска целина и дека така сето тоа ќе функционира“, вели Бенигар.

Од друга страна, ставајќи ги во регионален контекст, обата фестивала и разглобувајќи го нивното (суб)културно влијание врз средината и публиката воопшто, Бенигар вели дека „светот во кој тие творат и работат е свет на џезот, на она што се нарекува „светска музика“, конечно дека се малцинска заедница.

„Всушност ние сме „малцинска заедница“. Тоа значи дека подготвуваме програма за мала, одбрана група на луѓе кои многу трошат на култура, музика итн. Така е и во светот. Но, сето ова е особено важно бидејќи само преку таквите настојби една држава може да го потврди својот идентитет надвор од своите граници. А, богами и внатре во земјата. Инаку и Оливер и јас работиме во рамките на европските мрежи каде што нема поделби на Балкан и Северна Европа и т.н. Таму се брои само квалитетот на програмата што ќе ја понудиш и нашата лична активност како членови на тие форуми. Сметам дека Македонија и Словенија на вистински начин се претставени на ова поле. Ова е потврдено и со тоа што Оливер Белопета долго време е во претседателството на „Јуроп џез нетворк“, јас ја одработувам третата година и се надевам дека ние даваме убава слика за нивото на културата во обете држави. Овде нема некоја поделеност. Јас барем никогаш не сум бил соочен со тоа дека ние треба да работиме нешто посебно затоа што сме од Балканот“, вели Бенигар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG