Достапни линкови

Преполовен родот на јаболка во Преспа


Студената пролет и градот летово ги преполовија приносите кај овошките. Наместо просечните 80 илјади тони, ќе се соберат одвај 40 илјади тони јаболка.

Временските непогоди годинава се покажаа кобни за родот на преспанското јаболко. Студената пролет и градот летово ги преполовија приносите кај овошките. Наместо просечните 80 илјади тони, ќе се соберат одвај 40 илјади тони јаболка. Но, не со висок квалитет, зашто градот предизвика дамки и расекотини кај плодовите, се жалат преспанските јаболкопроизводители.

Дрвјата не ќе можат да се опорават три години, а не плод да произведеш.
Рамзес Рашидоглу, овоштар.

„Прво нè погоди мразот. Се гледа дека долните делови од јаболкниците се празни. Слана падна на почетокот на цветањето во април и мај. Имаме дел млади бавчи со 1.500 корени кои се сосема празни од сланата. Потоа нè фати градот, тука беше епицентарот кај Царев Двор. Дрвјата не ќе можат да се опорават три години, а не плод да произведеш“, вели овоштарот Рамзес Рашидоглу.

„Кога мана градот, скоро половина од јаболката паднаа на земја. Тие се уништени, скапаа, она што остана е со големи расцепи и не е за на пазар“, вели Стевче Радевски.

Овоштарите се пред сериозен предизвик.
Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен.

„Годинава се оштетени јаболката, сè е мртво. Велиме само што правиме. Тракторот не го палам да одам в бавча, одам и се враќам шест километри пеш и цел ден на нозе. Делевме од платата, работевме на ниви, садевме, одгледувавме, но беше задоволително, сега падна работата“, се жали Илче Војчевски од Преспа.

Од Општина Ресен соопштија дека се направени проценки врз штетите на јаболковите насади и очекуваат државата финансиски да ги обесштети.

„Овоштарите се пред сериозен предизвик. Верувам дека активностите што ги презеде локалната самоуправа со проценување на штетата, како и активностите на централната власт ќе придонесат за ублажување на последиците и овоштарите ќе бидат обесштетени“, изјави ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски.

Најголемиот дел од преспанските јаболка до лани завршуваа на пазарите во Бугарија, Русија, па сè до Иран. Годинава започна јаболкоберот, но неизвесно каков ќе биде пласманот и по која откупна цена ќе се продава македонското јаболко по претрпените оштетувања од временските непогоди.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG