Достапни линкови

СТАВ - Изјави кои ја попречуваат демократизацијата на Македонија!


Илустрација.
Илустрација.

Реакција на темата „Подривање на безбедносните служби?“, од страна на Јордан Петровски, Комитет за Демократизација на Република Македонија.

Лустрацијата е неминовност за Македонија

На членовите и симаптизерите на СДСМ и ДПМНЕ не им пречат злосторите што едноумниот тоталитарен систем ги направил и се уште ги прави врз македонскиот народ, ама му пречат оние кои потсетуваат на тие злостори. На членовите и симаптизерите на СДСМ и ДПМНЕ не им се злостор делата кои се сторени, туку злостор е што тие злодела кои ги направил и сеуште ги прави едноумниот тоталитарен систем се споменуваат. Но врвот на страотијата и ужасот е во тоа што злосторот е сторен врз МАКЕДОНЦИТЕ, врз народот на кој припаѓаат членовите и симаптизерите на СДСМ и ДПМНЕ.

Нашата реакција на саботната анализа под наслов „Подривање на безбедносните служби?“, ќе биде насочена кон изјавите врзани за лустрацијата. По наше, а и по мое длабоко убедување случајот „ШПИОН“ е само обвивката, главната поента е да се укаже дека лустрацијата е злото и со тоа да се превенираат некои идни случувања.

Тоталитарните едноумни системи опстануваат заради тоа што пропагандата ја доведоа до перфекција и затоа што и најмалата најава за некаква опасност по тоталитарниот едноумен комунистички систем, ја превенираат сериозно и жестоко.

Македонија од „милост“ во Брисел ја нарекуваат „последното комунистичко бастионче“ и наместо тоа да ги загрижи демократите, мислам на оние кои зборот демократија не го вадат од уста 24/7, тие и понатака го бранат комунистичкиот едноумен систем со сите сили. Една од носечките причини за прогласување на Македонија за последен комунистички бастион е неспроведувањето на лустрацијата, неосудата на злоделата на комунизмот. Првата лага на чуварите на едноиумниот тоталитарен систем е дека комунизмот во Југославија, а со тоа и во Македонија, бил поразличен од оној во другите комунистички држави, бил похуман и подемократски. Па ако е така, зошто толкав страв од спроведување на лустрација по препораките на Резолуцијата 1096 на Советот на Европа. Таа Резолуција препорачува лустрацијата да се води пред легитимен и единствено валиден орган кој прогласува некого за виновен или ослободува од обинение, а тоа е судот.

Втората манипулација или поточно лага на чуварите на едноумниот тоталитарен комунистички систем, а која сега ја изнесува професорот Лабовиќ се однесува за лустрацијата после 1991 година, па вели: „доколку после осамостојувањето имало определени злоупотреби на службената положба за нарушување на човековите права и слободи од чисто идеолошко-политички причини, а не и од безбедносни причини, тогаш за тоа треба да се поведе кривична постапка. "

Злоупотреба ПРОФЕСОРЕ Лабовиќ е ако некој „чиновник“ не работел според законот. Но, дали е злоупотреба на поединец ако ВЛАДАТА, СВЕСНО носела Закони, Правилници и Уредби за работа на ДБК/УБК кои не се во согласност со Уставот и тоа оној Устав донесен 1991 година, во „самостојна“ Македонија. Зар носење на такви закони не е РУШЕЊЕ на Уставниот Поредок на Република Македонија.

Член 51

Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 52

Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Еве професоре Лабовиќ што за лустрацијата во Македонија после 1991 година, вели Венецијанската комисија-нејзинит секратар господинот Томас Маркерт.

КДРМ*: „Господине Маркерт, дали Комисијата е свесна дека во периодот кој му следи на Устав на РМ од 1991. год. Службата за Државна Безбедност отпочнала да води околу 4.000 досиеа?“

Томас Маркерт: „Ова е покриено со кажаното во Параграф 26 и 27 (види подолу) и претставува ‘посебни историски и политички услови’ во уставно општество. Комисијата дава Мислење чија што цел не е да даде пресуда, бидејќи не ѝ се познати сите детали. Оттука следи дека Уставен Суд (на Р Македонија) треба да го примени Мислењето земајќи ги в предвид сите податоци.

„КРДМ: „Значи при формирањето на оваа Мислење на Комисијата не ѝ било познато дека Службата за Државна Безбедност на Македонија обработувала лица при што се служела со Правилник за Работа кој бил објавуван во Посебен Службен Весник на РМ достапен само до државните органи (меѓу кои и Уставен Суд), но не и до јавноста? Притоа, при водењето на досијеата биле користени мерки како прискушкување на телекомуникациски направи и следење без обезбедување на судски налози. Дали на Комисијата ѝ е познато дека откатко беа отворени досијеата во 2000. год. Јавното Обвинителство не превзеде никакви мерки во однос на кршењето на човековите и уставни права во однос на овие досијеа? Дали ви е познато дека кривичните дела кои биле сторени во водењето на досијеата биле затсарени уште при самото отворање на досијеата, при што оштетените немале можност да бараат законски лек?“

Томас Маркерт: „Тука би морал да кажам дека доколку Комисијата била запознаена со овие детали тогаш Мислењето би гласело поинаку, бидејќи во тој случај има смисла за лустрација, и покрај тоа што станува збор за период петнаесетина години подоцна. Сепак, сакам да сме на јасно дека ние даваме општи мислења, и се обидуваме да не носиме пресуди.“

КДРМ: „Тогаш да го заокружиме она што го велите: Со оглед на даденото дека СДБ водела досијеа за граѓани на РМ при што се служела со анти-уставни мерки, и земајќи ги в предвид Параграф 26 и 27, дали има смисла за лустрација во Македонија за пероидот кој му следи на 1991. год.?“

Томас Маркерт: „Земајќи го в предвид она што го велите, би рекол дека тоа ја менува сликата.“

Овој наш разговор со Секретарот на Венцеијанската комисија укажува на фактот дека никој ама буквално никој од политичката елита во Македонија несaка да се спроведе лустрација. Зар не можел Андов, првиот изготвувач на законот за лустрација да побара мислење од Венецијанската комисија, зар не можела и последната комисија предводена од пратеничката Силвана Бонева пред да го почне подготвувањето на законот да побара мислење од Венецијанската комисија. Зар не можела и зар не може СДСМ како најголем критичар на законот за лустрација на Груевски да побара мислење од Венецијанската комисија и така му нанесе сериозен удар на Груевски, удар кој би го загрозил владеењето на Груевски. Зар не можел Хелсиншкиот комитет да побара мислење од Венецијанската комисија. Сите можеле, ама мислењето на Венецијанската комисија на никого од позицијата и опозицијата како и на „невладините организации“ не им оди во прилог. Одговорот, зошто не им оди во прилог лустрацијата оставам читателите сами да донесат суд.

Нашето мислење, мислењето на Комитетот за Демокрартизација на Република Македонија за законот за лустрација, поточно сите три закони за лустрација сме го искажале многупати и сме правеле напори да укажеме што треба да се исправи, каков треба да биде законот. Сме ги контактирале пратениците и од власта и од опозицијата, никој, буквално никој не не удостои со било каков одговор. А нашето мислење беше и е, дека закононите за лустрација се катастрофално лоши и тие воопшто не беа во склад со Резолуциите на Советот на Европа, ниту со мислењата на Венецијанската комисија и небеа правени за да жртвите и оние од 1945 до 1990 и оние од 1991 па до .... добијат морална и материјална сатисфакција. Каква е таа лустрација во која ги нема жртвите. Тоа говори дека законите за лустрација на владата на Грувески не беа наменети за исправање на неправдите и казнување на злосторниците, туку беа и се обид ДА ГИ ИЗМИЈАТ ОКРВАВЕНИТЕ РАЦЕ НА ЗЛОСТОРНИЦИТЕ и со тоа повторно да се казнат жртвите. Законите не овозможија, а тоа мораа да го овозможат, жртвите да бидат „носители“ на процесот на лустрацијата, тоа јасно го укажува Советот на Европа, доволно е да се прочита член 7 од Резолуцијата 1096 и се да стане докрај јасно.

Еве го Член 7

„Собранието исто така препорачува, казнивите дејства што биле сторени за време на комунистичкиот тоталитарен режим да се гонат и казнуваат врз основа на општоважечките казнени закони. Доколку тие предвидуваат застарување на одредени злосторства, рокот може да се продолжи, бидејќи се работи за процедурално, а не за содржинско значење. Доколку донесувањето и употребата на ретроактивни казнени закони е забрането, но дозволено е судење и казнување лица за дејства или пропуштања, кои во време на сторувањето не биле казниви според домашното право, казниви се во согласност со општите начела на правото на цивилизираните народи. До толку повеќе; доколку лицето ги прекршувало човековите права, неговиот приговор дека само извршувал наредби не ја исклучува ниту противправноста, ниту неговата индивидуална вина.“

Двете мислења во текстот на госпоѓа Ременски за мене се пострашни и од законите за лустрација на владата на Груевски, закони кој јас ги нарекувам закони за диференцијација и спасување на џелатите. Пострашни се заради тоа што во тие мислења е искажано сфаќањето на работата на службите од луѓе кои се нудат да го заменат дикататорот Груевски. Каква ќе биде таа смена, што ќе донесе освен смена на диктаторот, ама диктатурата поточно чуварите на тоталитарниот едноумен систем, систем кој овозможува на власт да се диктатори да не биде чепнат.

1.Госпоѓа Ременски вели: „казнување на лицата од органите на безбедноста кои во минатото или денес, на еден или друг начин од позиција на функцијата која ја извршувале покажале законска активност кон политички субјекти во државата“. Оваа е тешка манипулација и извртување на вистината. Не можам да верувам дека вакво нешто можела да искаже госпоѓа Ременски.

Одговорно тврдам, а тврдењето можам да го докажам, дека лицата од органите на безбедноста кои во минатото или денес, на еден или друг начин од позиција на функцијата која ја извршувале покажале активност, отвориле досиа кон политички субјекти во државата тоа го правеле кршејки го Уствот и исклучиво тоа го правеле кон ИДЕОЛОШКИ и ПОЛИТИЧКИ неистомисленици поточно кон приврзаниците на идејата за Самостојна, Суверена и Демократска држава Македонија. Во тоа е спецификата на македонската лустрација. Да бидам јасен, во поголемиот дел од комунистичките држави каде се спроведе лустрација, таму се лустрираа носителите на Комунизмот - значи таму имаше идеолошка борба помеѓу идеолошките левици и десници. Во Р. Македонија не е вршен прогон само на идеолошки неистомисленици, туку најголем дел од прогонуваните (околу 90%) се по национална основа. Прогонувани се Македонци, кои беа за Самостојна и Демократска Македонија. За жал, тој прогон продолжи и после Референдумот за самостојност и после Уставот од 1991 година и е јасно искажан во ново воведената линија за работа на СДБ Македонски Екстремизам и Врховизам, воведена со Правилникот за работа на СДБ објавен во Посебниот -ТАЈНИОТ-НЕУСТАВНИОТ службен лист 1992 година.

Се обидов тоа да го докажам низ институциите на државата Македонија, но мојот обид остана безуспешен, тоталитарниот едноумен комунистички ситем никогаш не го почитувал Уставот, ниту пак законот кога требело да се земат на одговорност негови истакнати и заслужни членови, членови чувари на системот. Дрскоста на системот, власта е само марионета, отиде дотаму што со флагрантни фаслификати не дозволи судскиот процес ниту да почне.

2.Госпоѓа Ременски вели : ... ќе му даде легитимитет на политичкиот реваншизам кој зад превезот на лустрацијата ќе се пресметува со претпоставените непријатели. Според неа, овие спирални процеси сериозно ги загрозуваат начелата на правната држава и владеењето на правото и ја ставаат под знак прашалник политичката неутралност на институциите.

Не се работи за политички реваншизам, реваншизам би бил кога на власт би дошле идеолошките противници на левицата,националдемократската десница, која била прогонувана од левицата и која би ги примениле истите средства и начини со кои тие биле прогонувани. На власт е левицата и оваа е пресметка внатре во левицата, зар не сте слушнале за : Резолуцијата на ИБ, за Брионскиот пленум, за шеесетиосмашите, за битката против техноменаџерите, .... Значи кога националдемократската десница би вршела прогон со непочитување на Уставот, меѓународните прифатени и потпишани конвенции , судења со однапред напишани пресудии, прогласување на виновни без судски процеси, .... да не редам, го знаете убаво „демократскиот“ арсенал на левицата, само тогаш тоа би било реваншизам.

За да не останам само на голи зборови ќе ви понудам видео снимка од која ќе можете да осознаете од врвен правник, човек кој го пишувал „најдемoкратскиот“ Уставот дека владеењето на правото е само мислена именка во Македонија. Докторот по правни науки и пишувач на Устав оној од 1991 година вели: „Не знам, можам да кажам дека ни еден НЕ Е НЕВИН!!!!"

http://www.youtube.com/watch?v=N5rW4rEpxC8

А еве што вели Уставот;

Член 13

Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Во демократска држава првин правничката фела ќе реагираше на оваа толкување на докторов на правни науки, потоа ќе реагираа и колегите oд правниот факултет, но од таму молк ... молкот на вас како раководство на партијата, сепак човекот ви беше кандидат за председател и по се и денеска ваш гласноговорник, говори дека Уставот и законите не можат и не смеат да не ги почитуваат други, кога тоа го прават вашите тоа е во ред. Од тука произлегува дека начелата на правната држава и владеењето на правото во Македонија, не можат да бидат загрозени. За да бидат загрозени тие морале да постојат. СДСМ како власт пред превземањето на власта од страна на Груевски требала да ги остави!!

Дека нема никава разлика помеѓу позицијата и опозицијата кога се манипулира со тоа дека службата при својата работа го почитувала уставот доказ е следново: „Поранешниот министер за внатрешни работи и коалиционен партнер во власта, Павле Трајанов, смета дека сите кои што извршувале високи функции во разузнавачките служби во периодот опфатен со лустрацијата работеле согласно тогашните закони и уставот.“

Да почнам од пред 1991 година, Уставите и на бившата Југославија го гарантирале правото на народите на самоопределување до отцепување. Значи сите прогони и пресуди на луѓето кои се залагале за Самостојна Македонија донесени во период на постоење на Југословенската Федерација биле НЕУСТАВНИ.

Дека не се работело според Уставот ни после 1991 година, показартел е прислушкувањето, омилената мерка на идеолошката полиција, Уставот вели;

Член 17

Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.

Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.

Но, Правилниците за раборта на ДБК го игнорираат овој член на Уставот со тоа што во Правилниците за работа, министерот е тој кој го одобрувал прислушкувањето. Значи пак да констастирам, не се работи за злоупотреба на службена должност, се работи за рушење на Уставниот поредок, во тоа рушење учествува и Уставниот суд бидејки не реагирал, не ги поништил таквите закони, правилници што му била должност.

Повикувањето на некоја анализа или препрака на ЦИА или луѓе од врвот на ЦИА во Македонија е непопуларна мисија, но јас и покрај тоа ќе го пренесам укажувањето на поранешниот шеф на ЦИА искажано на советување на преседателите, премиерите, министрите, новомиенуваните директори на тајните полиции на земјите од Источна Eвропа кои бараа начин како да се справат со старите структурите на тајните полиции, поточно со структурите на идеолошките полиции, одржано во Софија 1991 година. За жал, од Македонија таму немало представник, а тоа веќе укажува дека целта на тогашната власт воопшто не била демокртизирање и осамостојување на Македонија.

Еве ја парафризираната изјава или советот на Villiam Colby:

-Во сите бивши источноевропски комунистички држави во корен треба да се сосечат нивните бивши служби на сигурноста и не само тоа, туку припадниците на тие служби треба да се отстранат од политичкиот живот, да се отсранат и од други функции кои имаат поточно кои даваат општествена моќ.

Во Македонија пропагандната машинерија на тоталитарниот комунистички систем ни ги наметна и се уште ги наметнува осумината од МВР како носители на демократските процеси во Македонија.

Главни толкувачи на демократијата и демократските процеси се луѓе кои заземале високи позиции во идеолошката полиција, Бабановски, Пивоваров, Трајанов, ....

Пивоваров:

„ако имавме силна соработничкамрежа можевме да го превенираме“

Пивовров свесно ја прескокнува вистината, СДБ, наследникот на УДБА по бројност имаа и имаат пресилна соработничка мрежа. За КОС и военото разузнавање после 1991 година не говорам. Во просек на секој следен, зборувам само за следените како ИДЕОЛОШКИ и ПОЛИТИЧКИ противници на партијата на власт во период 1991-1998 година, за кој период се оперира со бројката од близу 4 илјади следeни луѓе бројот на соработниците за еден следен е близу 30 соработника. Значи СДБ располагала со над 100 илјади соработника. Од оваа бројка се гледа дека проблемот со соработничката мрежа е во целта за која е регрутирана соработничкта мрежа. Станува јасно дека целта не била заштита на Уставниот поредок и државата Македонија, туку целта била зачувување на едноумниот тоталитарен комунистички систем.

Дека оваа што го говорам е така, говори фактот што од близу 4 илјади следени, против ниту еден нема покренато обвинение, а за сите имало ИНДИЦИИ дека работа на насилно уривање на Уставниот поредок на Р. Македонија. Како е можно СДБ да прогонува близу 4 илјади луѓе, да ангажира толкав број на соработници, да им ги прислушкува телефоните на следените, да им ги озвучува домовите и службените простории на следените и да не обезбеди докази. Значи активностите на следените не биле за Рушење на Уставниот Поредок, туку нивните активности биле за „рушење“ на тоталитарниот едноумен комунистички систем, „рушење“ на избори, значи рушење со легитимни и легални средства.

Од тука произлегува дека прогонот СДБ не го прави за да на Прогонетиот („Предмет на Обработка“) му ги докаже наводните индиции кои формално послужиле како покритие за отворање на досието, и конечно да го уапси и осуди Осомничениот. Да нема недоразбирање, тоа СДБ не го прави од неспособност или од незнаење, туку заради тоа што целта на системот на рaбота е да се здобие со нов кодош - при што од секој „противник“ прави „свој“" човек, бидејќи, целта е, нели, Едноумие! За да се здобие со нов кодош, СДБ не избирала средства или начини. Најчест метод се уцени со нешто од што жртвата, „Предметот на Обработка“", се плашела да излезе во јавноста - прељуба, ситен криминал, лична тајна и слично; како и местенка на некој проблем за кој Службата на „Предметот на Обработка“" ќе му понуди помош за решавање. Откако СДБ ќе го добиела новиот кодош, почнувала со поставување на задачи кон истиот, т.е. обработка на нов „Предмет“.

Се надевам дека станува јасно колку Villiam Colby бил во право.

КДРМ*- Комитет за Демократизација на Република Македонија

Јордан Петровски

XS
SM
MD
LG