Поради лошата економска состојба и тоа што тука не гледаат перспектива, расте бројот на младите кои сакаат да заминат од земјава и да работат во странство, покажуваат истражувањата на невладината коалиција за млади Сега. Директорот Зоран Илиески вели дека младите не размислуваат за тоа што и колку ќе работат, туку колку ќе заработат за пристоен живот.
Кај нив основен мотив е само заминувањето, а што ќе се случи понатаму, секогаш наидуваме на зборот – ќе се снајдам. Најчесто одговорот е дека тука нема иднина и дека да можам утре би заминал од државата.Зоран Илиески, коалиција на младински организации Сега.
„Кај нив основен мотив е само заминувањето, а што ќе се случи понатаму, секогаш наидуваме на зборот – ќе се снајдам. Најчесто одговорот е дека тука нема иднина и дека да можам утре би заминал од државата“, вели Илиески.
И од Младинскиот образовен форум го делат впечатокот дека трендот на заминување на млади на работа во странство расте. Борбата за егзистенција е она што ги тера младите да заминат дури и до Катар, Ирак или Авганистан, посочува Мартин Алексовски од оваа организација.
На пример во Куманово масовен е бројот на млади кои заминуваат на работа со цел побрза и поголема заработка и во земји кои важат за ризични, да речеме од безбедносен аспект.Мартин Алексовски, МОФ.
„На пример во Куманово масовен е бројот на млади кои заминуваат на работа со цел побрза и поголема заработка и во земји кои важат за ризични, да речеме од безбедносен аспект“, вели Алексовски.
Илиески раскажува дека поголемиот дел од тие коишто сакаат да заминат размислуваат краткорочно, односно сакаат да заработат на неколку месеци и да се вратат. Сепак, не исклучува дека има и такви кои не кријат дека ако можат, би останале во некоја од европските земји. Илиески апелира дека државата мора да преземе мерки за да го спречи заминувањето на младите од земјава.
„Мора да се преземат мерки со коишто ќе се загарантира економската иднина на младите луѓе. Тие не ја гледаат својата иднина тука од економски аспект, од социјален аспект“, вели Илиески.
Според Алексовски, потребни се низа системски мерки со кои може да се спречи заминувањето на младите од земјава. Обидите да се отворат дисперзирани студии во повеќе градови во државата не го реши проблемот со одливот на млади мозоци надвор од земјава. Подобрувањето на стандардот е основно, а особено важно е да се има поголема понуда на работни места во земјава, вели Алексовски.
„Олеснување на интеграцијата на младите на пазарот на труд, нивно побрзо вработување и поголема понуда на работни места, а се разбира и поквалитетни работни места коишто се подобро платени, со подобри услови“, вели Алексовски.
Во потрагата по подобар живот, младите најчесто не размислуваат за безбедносните ризици кои ги преземаат со одлуката да работат илјадници километри далеку од дома. Последниот случај со исчезнувањето на 23-годишната Дениза Маркоска од Прилеп која исчезнала од бродот каде што работела, ја вознемири јавноста и го отвори прашањето за тоа на што сè се принудени младите со цел да заработат за подобро утре.