Достапни линкови

Младите ќе почекаат за вработување


Илустрација.
Илустрација.

Високиот процент на невработеност на младите, дополнително може да се зголеми со најавената владина мерка за можност подоцна да се оди во пензија, вели Марјан Забрачанец од МОФ.

Високиот процент на невработеност на младите, дополнително може да се зголеми со најавената владина мерка за можност покасно да се оди во пензија. Од друга страна, оваа мерка се коси со мерката за субвенции за вработување на млади до 29 години, која е добра мерка, вели Маријан Забрачанец, извршен директор на Младинскиот образовен форум, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ваквата мерка ќе даде шанса на возрасните граѓани да останат на работа подолго, односно да не влезат во пензија, ама со тоа ќе се скрати шансата на младите да бидат вработени.
Марјан Забрачанец, извршен директор на Младинскиот образовен форум.

„Ваквата мерка ќе даде шанса на возрасните граѓани да останат на работа подолго, односно да не влезат во пензија, ама со тоа ќе се скрати шансата на младите да бидат вработени, бидејќи компаниите ќе мора да го задржат оној возрасен граѓанин кој одлучил да го продолжи својот работен стаж и за сметка на тоа нема да бидат во можност да вработат друг млад човек. Дополнителен товар на оваа ситуација е плаќањето на задолжителни придонеси за хонорарците, бидејќи ние сме сведоци дека голем број на млади луѓе пред да се вработат официјално, неколку месеци или неколку години работат хонорарно“, вели Забрчанец.

Квалитетните работници кои навистина можат да пренесат искуство, тие ќе бидат добредојдени уште година, две, три да го пренесат искуството на младите кои ќе се вработат и на компанијата да го задржи квалитетот.
Миле Бошков, извршен директор на бизнис конфедерацијата на Македонија.

Извршниот директор на бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков вели дека со овие мерки нема да се намалат можностите за вработување на младите.

„Квалитетните работници кои навистина можат да пренесат искуство, тие ќе бидат добредојдени уште година, две, три да го пренесат искуството на младите кои ќе се вработат и на компанијата да го задржи квалитетот, бидејќи со вештите и искусните работници се одржува квалитетот, а со новите кои не се вклопени се намалува и продуктивноста и квалитетот и тимскиот дух“, вели Бошков.

Анализите на домашните организации покажуваат дека речиси половина од младото население е невработено, а една од клучните причини е несоодветно образование. Дека невработеноста е клучен проблем на младите посочи и постојаниот претставник на ОН во Македонија Луиз Ментон пред две недели. Таа рече дека на светско ниво има околу 73 милиони невработени млади луѓе, а во Македонија процентот на невработеност на младите е над 50 проценти. Во Европа, пак,околу 7,5 милиони млади се без работа или образование, покажала анализата на Центарот за европски економски истражувањa. Според изготвувачите на анализата, резултатите се алармантни, бидејќи се продуцира нешто како загубена генерација.

Забрачанец вели дека невработеноста на младите може да се намали ако се вложува во бенефиции за компаниите кои се на здрави нозе за да можат да вработуваат што е можно повеќе млади луѓе.

„И така младите да го научат бизнисот, за да можат утре да станат претрпиемнички ориентирани. Бидејќи не се станува претприемач само со храброст, како што бевме сведоци на една кампања „Осмели се“. Да, потреба е и храброст, но потребно е и знаење, искуство и вештини, а таквите можат да се стекнат преку практична настава во рамки на образовниот систем и преку учење на бизнисот од веќе постоечките компании“, вели тој.

Бошков, пак, додава дека треба да им се помогне на работодавачите да ги вработат тие млади луѓе, да ги задржат на работа, но пред да ги вработат и да ги обучат.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG