Достапни линкови

Обама одобри воздушни напади во Сирија


Претседателот Барак Обама им соопшти на Американците дека одобрува воздушни напади, за прв пат во Сирија и повеќе напади во Ирак во кампањата против милитантите на Исламската држава. Тој најави дека ќе распореди и дополнителен број американски воен персонал како поддршка во борбата против милитантите.

Во тринаесет минутниот долгоочекуван говор од Белата куќа, и во пресрет на 13 годишнината од терористичките напади врз Америка на 11 септември 2001 година, претседателот Барак Обама изјави дека ќа ја интензивира борбата со цел да ја деградира и да ја уништи Исламската држава, милитантна група која во последниве месеци освои големи делови од Сирија и Ирак.

„Тоа значи дека нема да се двоумам да преземам акција против Исламската држава во Сирија, како и во Ирак. Тоа е основен принцип на моето претседавање: ако и се заканувате на Америка, нема да најдате сигурно засолниште.“

Одлуката на Обама да покрене напади внатре во Сирија која веќе три години е заплеткана во граѓанска војна претставува пресвртница за претседателот кој пред една година избегна воздушна кампања за да го казни сирискиот претседател Башар ал Асад за користењето хемиско оружје против сопствениот народ.

Тоа значи дека нема да се двоумам да преземам акција против Исламската држава во Сирија, како и во Ирак. Тоа е основен принцип на моето претседавање: ако и се заканувате на Америка, нема да најдате сигурно засолниште.

Обама побара од Конгресот да одобри 500 милиони долари за обука и вооружување на умерените сириски бунтовници. Тренингот би се одвивал во Саудиска Арабија.

Американскиот претседател планира да ги зголеми воздушните напади во Ирак, како и да испрати дополнителни 475 американски војници во таа земја.

„Како што реков и претходно, овие американски сили нема да имаат борбена мисија. Ние нема да се вовлечеме во уште една војна на копно во Ирак. Тие се неопходни за обука и поддршка на ирачките и курдските сили“, изјави Обама, додавајќи дека Американците треба да сфатат оти овие напори ќе бидат поразлични од војните во Ирак и Авганистан.

Американски претставници претходно предупредија дека ќе требаат неколку години за да се уништи оваа милитантна група. Но, како што рече Обама, Америка ќе биде придружена од широка коалиција на партнери кои веќе испраќаат авиони и оружје и хуманитарна помош во Сирија и Ирак.

„Ова е американско лидерство во најдобро издание. Стоиме со народи кои се борат за сопствената слобода и здружни сме со други народи за нашата заедничка безбедност. Америка е таа што има капацитет да го мобилизира светот против терористите, Америка беше таа што го поврза светот против руската агресија и во поддршка на украинскиот народ.“

По говорот на Обама, републиканците го поздравија, според нив, неговото задоцнето признавање дека Исламската држава претставува закана за Соединетите држави.

Американскиот поглед на заканата од милитантите на Исламската држава е дека странските борци кои сега се борат во Сирија и Ирак би можело да се вратат дома и да вршат терористички напади.

„Говор не е исто што и стратегија“, оцени спикерот на Претставничкот дом Џон Бенер, наведувајќи: „Претседателот претстави уверлив случај за акција, но многу прашања за начинот на кој има намера да дејствува остануваат отворени.“

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG