Достапни линкови

Обама: САД нема воено да се ангажираат во Украина


Американскиот претседател Барак Обама ја обвини Русија за насилствата во источна Украина. Но, тој ја исклучи можноста од воено ангажирање на Соединетите Држави поради се поголемите судири во таа земја. Според претседателот Обама, во одвраќањето на Русија може да помогне НАТО.

НАТО соопшти дека најмалку илјада руски војници оперирале во Украина и објави, како што наведе, снимки на движења на руски артилериски единици минатата недела.

Русија намерно и постојано ги повредува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и новите снимки на руските сили на територијата на Украина тоа јасно му го покажуваат на светот.
Барак Обама, претседател на САД.

„Поддршката од позадина станува се поочигледна“, изјави бригадниот генерал Нико Так.

Според него, руската крајна цел била да се спречи поразот на проруските сепаратисти и да се турне источна Украина во замрзнат конфликт што би ја дестабилизирало земјата на неодредено време.

Москва овие снимки ги оцени како бесмислени. Американскиот претседател Барак Обама ја обвини Русија за обучување, вооружување и финансирање на сепаратистите.

Ние не зборуваме за преземање воена акција за решавање на украинскиот проблем. Она што ќе го направиме е да ја мобилизираме меѓународната заедница да изврши притисок врз Русија.
Барак Обама, претседател на САД.

„Русија намерно и постојано ги повредува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и новите снимки на руските сили на територијата на Украина тоа јасно му го покажуваат на светот“, рече Обама.

Сепак, тој се воздржа руската инволвираност во Украина да ја нарече инвазија и исклучи воена акција.

„Ние не зборуваме за преземање воена акција за решавање на украинскиот проблем. Она што ќе го направиме е да ја мобилизираме меѓународната заедница да изврши притисок врз Русија“, рече американскиот претседател.

Обама додаде дека во одвраќањето на Русија може да помогне НАТО. Иако Украина не е членка на Алијансата, нејзините соседи се, рече тој, наведувајќи дека Соединетите Држави сериозно се приврзани во одбраната на сојузниците во НАТО.

Обама наведе дека зборувал со германската канцеларка Ангела Меркел и оти се согласиле дека Русија мора да се соочи со последици за нејзините акции.

„Како резултат на акциите што Русија ги презеде и големите санкции што ги воведовме со нашите европски и меѓународни партнери, Русија е поизолирана од кога и да е од крајот на Студената Војна“, рече Обама.

Тој најави дека на 18 септември украинскиот претседател Петро Порошенко ќе го посети Вашингтон.

Инаку, на вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, западните сили го изразија нивното длабоко негодување за ескалацијата на ситуацијата во Украина.

Американската амбасадорка Саманта Пауер оцени дека Русија манипулира, мами и отворено лаже и оти не ги слуша пораките за прекин на судирот во Украина.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин не го негираше присуството на руски борци во Украина, но тој нив ги нарече доброволци. Притоа Чуркин праша за западните советници и за тоа од каде украинската војска добива оружје.

Во Москва е објавено дека претседателот Владимир Путин изјавил оти Москва ќе продолжи да им обезбедува хуманитарна помош на цивилите во источна Украина. Тој ги повика бунтовниците да отворат хуманитарни коридори за украинските војници.

„Со сето почитување за Владимир Путин, претседателот на државата која не поддржува морално, подготвени сме да направиме хуманитарни коридори за опколените украински сили, под услов тие да го предадат оружјето за да не можат да го користат против нас“, изјави премиерот на самопрогласената Народна република Доњецк Александар Захарченко.

Вчера украинските власти соопштија дека руски војници, поддржани со тенкови го зазеле граничниот град Новоазовск.

Аналитичарите сметаат дека Москва планирала да го окупира градот Мариупол на Црно Море со цел да обезбеди копнена врска со Крим, што Русија го анектира во март годинава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG