Украинскиот претседател Петро Порошенко свика итна седница на националниот совет за безбедност, обвинувајки ја Русија дека испратила трупи во Украина. Порошенко денеска ја откажа посетата на Турција, поради актуелната ситуација во регионот на Доњецк, вклучувајки го и градот Новоазовск, за кој украинците тврдат дека бил под инвазија од руските сили. Порошенко побара и итна седница на Советот за безбедност на ОН и на Советот на Европа поради новонастанатата ситуација. Специјална седница е свикана и на ОБСЕ.
Киев тврди дека Русија започнала директна инвазија во Украина и отворила нов фронт, а Москва демантира дека руски сили ја преминале границата.
Ситуацијата во источна Украина е влошена. Русија испрати борбени возила, тенкови и вооружени сили. Можеме да потврдиме дека има руска војска во Украина. За нас е многу тешко да се бориме против руската армија.Арсениј Јацењук, премиер на Украина.
Украинскиот премиер Арсениј Јацењук, на прес конференција во Киев, изјави:
„Ситуацијата во источна Украина е влошена. Русија испрати борбени возила, тенкови и вооружени сили. Можеме да потврдиме дека има руска војска во Украина. За нас е многу тешко да се бориме против руската армија“, рече Јацењук.
На прес конференција во Доњецк, пак, премиерот на самопрогласената Доњецка Народна Република, Александар Захаренко, демантира дека влегле руски војници, но не и дека Руси се борат на нивна страна.
„Ние не криеме дека има многу Руси меѓу нас. Без нивна помош ќе ни беше многу тешко да се бориме. Има многу волонтери од Русија, повеќето пензионирани војници“, рече Захаренко.
Воен претставник на НАТО денеска изјави дека, според нивни проценки, околу илјада руски војници дејствуваат на територијата на Украина.
Маја Коцијанчиќ, портпарол на европската комесарка за надворешна политика Кетрин Ештон, денеска изјави дека ЕУ е екстремно загрижена од најновиот развој во Украина.
Според украинските безбедносни сили во Новоазовск, тие најнапред биле нападнати со проектили од типот Град од руска територија, а потоа на украинска територија упаднале два конвоја со руски трупи.
Американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пјат, преку Твитер соопшти дека поголем број руски војници директно интервенираат во борбите во Украина. Уште вчера Стејт Департментот предупреди дека се подготвува директна руска контра-офанзива во источна Украина.
Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска изјави дека е неприфатливо доколку се потврди дека руските сили оперираат во Украина.
Советот за безбедност на ОН закажа итен состанок поради кризата во Украина.
Британскиот премиер Дејвид Камерон во меѓувреме го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека ќе се соочи со последици доколку не биде најдено решение за кризата во Украина.Тој порача дека Русија мора да ги запре своите тенкови да влегуваат во Украина.