Достапни линкови

Неделен печат – Отпис на долгови, опозиција и душевни болки на власта


Илустрација.
Илустрација.

Глобус пишува за отписот на долгови за сиромашните, Фокус за владините тужби за клевета, а Република ја анализира опозицијата.

Глобус – Коски и трошки

Јавниот повик за „простување“ на долговите е понижување и срамење на сиромашните, пребројување на бедните кои, главно, не по своја вина, останале на дното од животот.
Глобус.

Авторот на колумната Таленти во новото он-лајн издание на магазинот Глобус прави паралела со состојбите во Франција, за време на владеењето на Марија Антоанета и во Македонија за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. Марија Антоанета, пишува колумнистот, е позната по градењето раскошни барокни дворци, но историјата ја памети и по култната реченица - ако нема леб, народот нека јаде колачи. Груевски и дружината, познати по градење споменици, згради и барокни фасади, отидоа чекор подалеку... Јавниот повик за „простување“ на долговите е понижување и срамење на сиромашните, пребројување на бедните кои, главно, не по своја вина, останале на дното од животот, пишува Глобус. Хуманата акција за отпишување на долговите ништо не решава. Дел од долговите ќе биде отпишан, но што ќе биде со новите кои веќе се трупаат? - прашува колумнистот. Акцијата за простување на долговите ја признава сиромаштијата на околу 400 илјади грани, заедно со членовите на нивните семејства, но се обидува да го скрие безобѕирното трошење на народните пари за градење на империјата. Заедно со финансиските афери поврзани со империјата, тоа е само врв на ледениот брег на „произведување“ сиромаштија. Кога ќе почне да се топи мразот, ќе се видат и вистинските цени на раскошот на империјата и бездната на сиромаштијата, завршува десператно Глобус.

Кој вели дека опозицијата работи без компас и идеи? За инает на сите, „пресече“ и по само четири месеци од непризнавањето на изборите, се сети дека во Македонија имало народ.
Република.

Фокус - СДСМ бараше решетки, ВМРО-ДПМНЕ доби профит

„Душевните болки власта ќе ги лекува со 760.000 евра од опозицијата“, пресметал Фокус во анализата во која објаснува дека тужбите за клевета и навреда им тргнале од рака на владејачките функционери. Па дообјаснува дека со нив мавтаат на секој изречен збор од опозицијата, а оние од опозицијата, пак, мака мачат секој ден да ја вршат работата на МВР и на обвинителството. Прибираат докази за наводни афери на владејачките функционери, ама сè некако задоцнуваат. Возот им избегал, делото застарело. Па, наместо бараните решетки за нивните политички противници, добија околу 40 тужби за клевета, тешки 760.000 евра. Ем останаа без правда, ем го обраа бостанот! - извикува авторот на анализата „СДСМ бараше решетки, ВМРО-ДПМНЕ доби профит“ во најновиот Фокус.

Република - По сенка на плажа, комисии во сенка?!

Република со подбивно-иронична анализа на најавата на СДСМ за „жешка политичка есен“. „По сенка на плажа, комисии во сенка?!“ - прашува и се чуди Република, за да додаде: „Кој вели дека опозицијата работи без компас и идеи? За инает на сите, „пресече“ и по само четири месеци од непризнавањето на изборите, се сети дека во Македонија имало народ. Ќе ангажирала 5.000 тимови за да го освестат... Од сенка излезе и лидерот, од длабока сенка на плажа, настрана што е грчка... Истото го направија и подобните пера. Едно признаа, конечно, ако требало - ќе преземале и чекори што се штетни за државата. Зачудувачки, ама никој не се изненади“ - завршува Република.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG