Студентите на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје имаат можност да бираат свои студентски претставници и да го креираат составот на Студентскиот парламент на Универзитетот и матичните факултети. Студентите избираат и Претседател кој би требало да ги застапува интересите на студентите во јавноста, но и пред јавните институции кои работат во областа на високото образование и универзитетските тела каде се носат важни одлуки кои, понатаму влијаат на социо-економскиот статус на студентите.
Она што е симптоматично е дека не постои критериум колку студенти би требало да гласаат за претседателот да биде легитимен избраник. Сликовито, доколку само десет студенти излезат на избори, од кои 5 би гласале за еден кандидат, четири за друг,а едно ливче би било неважечко, сепак првиот кандидат ги добива изборите.
Претставниците се бираат на демократски избори на кои право на глас имаат сите студенти.
Но, доколку се направи анализа на досегашните случувања на изборите, овој процес личи на една голем панаѓур.
Увертира
Претседателот на СПУКМ се бира на студентски избори кои се оддржуваат на сите факултети во склоп на УКИМ. Малку познато, на секој факултет се избира Претседател на матичниот парламент, како и членови на истиот. Иако изборите за претседател на СПУКМ редовно се оддржуваат, избори за претседател на матичен факултет со години не се забележани на повеќето факултети. Изборите за Претседател на Студентскиот парламент на УКИМ се оддржуваат на секои две години. За еден студент да може да се кандидира за Претседател на СПУКМ потребно е да исполни неколку услови: да е член на СПУКМ повеќе од 2 години, да има завршено барем 4-ти семестар и да има собрано 3.000 потписи од студенти како поддршка, или 5 печати од матичните парламенти на факултетите, или да има поддршка барем од 1/3 од членовите на генералното собрание на СПУКМ. За изборниот процес се формира посебна изборна комисија, од страна на СПУКМ, која внимава на нерегуларностите. Листите на членовите на изборната комисија често се држат во тајност, а името на Претседателот на Изборната комисија најчесто се дознава на денот на изборите. Изборната комисија може и да ги поништи изборите доколку постои сериозно прекршување на процедурите во текот на изборите.
Претседател на „сите“ студенти
Она што е симптоматично е дека не постои критериум колку студенти би требало да гласаат за претседателот да биде легитимен избраник. Сликовито, доколку само десет студенти излезат на избори, од кои 5 би гласале за еден кандидат, четири за друг,а едно ливче би било неважечко, сепак првиот кандидат ги добива изборите. Оваа правило со години им обезбедува удобна пасивна положба на кандидатите за Претседатели бидејќи не се трудат да освојат што поголем број од гласовите на студентите на Универзитетот. Така забележително е отсуство на сериозни програми за работа и запознавање на студентите со кандидатите.
Многу често се случува студентите да се незапознаени со програмите на кандидатите за претседател на СПУКМ, кои најчесто се составени од неколку ветувања како реновирање на студентските домови, транспарентност на СПУКМ и бесплатен превоз за студенти. И покрај овие ветувања на кандидатите, во текот на нивните мандати не се забележува поголема активност за исполнување на ветеното. Иако со години студентските здруженија и иницијативи алармираат за регулирање на ова прашање, сепак нема никакви промени во изборниот систем.
За илустрација, на изборите во 2012 година, само 8.522 студенти (од вкупно 25.270 студенти на УКИМ) излегле да гласаат за свој студентски претставник, од кои 4.700 гласале за моменталниот претседател на СПУКМ, Кирил Спировски.
Друг проблем кои постојано се јавува на сите досегашни избори за студентски претставници е малата излезност на студентите кои гласаат. За илустрација, на изборите во 2012 година, само 8.522 студенти (од вкупно 25.270 студенти на УКИМ) излегле да гласаат за свој студентски претставник, од кои 4.700 гласале за моменталниот претседател на СПУКМ, Кирил Спировски. Пресметувајки понатаму, забележуваме дека помалку од 14 отсто од студентите гласале за моменталниот претседателот на СПУКМ. Исто, на изборите во 2004 година, и двајцата кандидати не освоија повеќе од 3500 гласови, поединечно. Генерално прашањето кое се поставува овде е колку од студентите, реално, се претставени од студентските избраници, ако процентот на освоените гласови од вкупниот број на студенти на УКИМ, е навистина мал.
Според истражувањето на Младинскиот образовен форум од 2012 година, дури 80 проценти од студентите на најголемиот Универзитет во Македонија, никогаш досега не гласале на избори за студентски претставници. Според истото истражување, дури 69 отсто од студентите не знаат кога се оддржуваат изборите за студентски Претседател.
Од друга страна, проблематично е што кандидатите треба да бидат членови на СПУКМ повеќе од две години, а оваа организација нема дефинирано кои се сметаат за нивни членови (дали сите студенти при уписот на факултет или они е кои ќе уплатат чланарина), па непознато е точно кои студенти може да се кандидираат.
Бал или маскенбал?
Гледајќи ретроспективно, студентските избори отсекогаш биле исполнети со низа контроверзности. Во 2002 година беа поништени изборите на 8 факултети, заради полнење на кутиите со гласови за одредени кандидати, притисок врз студентите да гласаат од страна на припадници на полицијата, гласање од „не студенти“и прогласување на победник на изборите без да се пребројат гласовите на сите факултети. Во 2007 година се повторува истата судбина, па потребно е прегласување на 14 факултети. Истата година, Претседателот на изборната комисија, на изборниот ден, е уапсен од полицијата заради претходно обвинение за обид за извршување убиство. Два дена по неговото пуштање, тој е киднапиран од канцелариите на изборната комисија.
Квалитетното студентско организирање е круцијално за подобрување на македонскиот студентски (крпен) живот.
Тажната приказна за кршење на гласачки кутии, закани по студенти и агитирање се повторува и на наредните избори. Во 2004-та година, кандидатот (кој потоа победи) фалсификуваше печат на матичен факултет, но сепак не беа преземени никакви санкции. Во 2012 година, Изборната комисија објави правилник за избори составен врз непостоечки член во Статутот на УКИМ. Истата година, студенти од МОФ ги мониторираа изборите на матичните факултет кои забележаа низа нерегуларности како задоцнето отварање на гласачки места, непостоење на избирачки список, повеќекратно гласање, довикување на студентите да гласаат за одредени кандидати, присуство на неовластени лица итн.
Изборна 2014
Оваа година, во ноември треба да се случат изборите за претседател на СПУКМ. Дискутабилно е дали студентите на УКИМ конечно ќе добијат претседател кој навистина посериозно ќе се ангажира да ја подобри состојбата во високото образование, условите во студентските домови, навременото исплаќање на стипендии на студентите, со оглед на критериумите за кандидирање на овие избори (голем број на потребни потписи, членство во организацијата повеќе од 2 години). Постојат неколку опции кои би го предизвикале изборниот систем и би биле основа за промени-бојкотирање на изборите преку зголемување на бројот на неважечки ливчиња, преку што би се искажало незадоволството од моменталната состојба; консултација со кандидатите за вистинските потреби на студентите и обврзување за соработка со студентски организации/иницијативи; независен мониторинг на изборите и пријавување на неправилности до Изборната комисија, како и до медиуми.
Сепак, потребно е внесување на изрични членови во Законот за високо образование и Статутот на УКИМ(со што директно ќе се обврзе СПУКМ да ги смени своите правилници за кандидирање на претседател и членови на парламентот) со кои би се превенирале идни изборни нерегуларности, како и би се промениле критериумите за кандидирање со што би се дало простор на секој заинтересиран студент да учествува во изборната трка. Воедно, потребно е одржување на избори за членови на парламентите на матичите факултети, во што е можно побрз рок.
Квалитетното студентско организирање е круцијално за подобрување на македонскиот студентски (крпен) живот. Во моментов, студентскиот парламент е единственото признаено тело во државните институции кои можат да допринесат за системски промени. Затоа, од особено значење е да се постави квалитетна структура на ова тело, која вистински ќе се залага за подобрување на состојбата со правата на студентите.