Достапни линкови

Нема политичко влијание со мали инвестиции


Инвестициите се добродојдени од каде и да се, но за политичко влијание не може да зборуваме за фирми што инвестираат по десетина милиони евра и вработуваат по стотина луѓе.

Странските инвестиции што досега дојдоа во Македонија се засноваат пред сè на економски интерес, а не на засилување на некакво политичко влијание. Инвестициите се добродојдени од каде и да се, но за политичко влијание не може да зборуваме за фирми што инвестираат по десетина милиони евра и вработуваат по стотина луѓе, велат упатените.

Сепак овие се, да кажеме, компании со некоја секундарна позиција во државите од коишто доаѓаат и ја избрале Македонија поради тие поволности што ги дава државата. Мислам дека тука нема никаква политика, компаниите си го гледаат својот интерес дека се ослободени од многу давачки.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Во изминативе неколку дена беше потпишан договор за изградбата на фабрика на украинската фирма Енергија за системи за прочистување отпадни и технички води во слободната економска зона Бунарџик кај Скопје. Ден подоцна беше отворен новиот спортски центар „Јане Сандански“, во чиј комплекс се наоѓа и најновиот скопски хотел „Русија“ на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Ова се случува во период кога македонските власти се под критики дека го напуштаат европскиот курс и се насочуваат кон исток. Сепак, нашите соговорници, економскиот аналитичар Висар Адеми и бизнисменот Ристо Гуштеров, велат дека во овие две инвестиции не може да се зборува за некаков политички, туку само за економски интерес.

Сосема друга работа ќе биде ако Газпром или Роснефт дојдат и поагресивно покажат интерес да се инвестира во Република Македонија од каде што ќе произлезе производ или интерес којшто ќе има влијание и на регионалните и на глобалните текови.
Ристо Гуштеров, бизнисмен.

Адеми вели дека не гледа дека овие компании може да имаат политичко влијание, затоа што се од второстепено значење и во државите од кои доаѓаат.

„Сепак овие се, да кажеме, компании со некоја секундарна позиција во државите од коишто доаѓаат и ја избрале Македонија поради тие поволности што ги дава државата. Мислам дека тука нема никаква политика, компаниите си го гледаат својот интерес дека се ослободени од многу давачки“, вели Адеми.

Со сличен став е и бизнисменот Ристо Гуштеров. Би било убаво да дојдат што повеќе инвеститори од кој било на светот за да заживее македонската економија, вели тој.

„Некои заинтересирани бизнисмени од помал калибар кога инвестираат во Македонија е исклучиво од аспект на бизнис интереси. Во тоа нема никаква политика, нема никакво вртење на Македонија кон исток, каде што секако треба како суверена земја да бара свои интереси, и на исток и на запад, тоа не треба да биде запоставувано, меѓутоа во овие конкретни два случаи не гледам никаква политика, во прашање се бизнис интереси“, вели тој.

Гуштеров вели дека компаниите што инвестираат во Македонија се мали и не може да влијаат ни на глобалните ни на регионалните политички текови.

„Сосема друга работа ќе биде ако Газпром или Роснефт дојдат и поагресивно покажат интерес да се инвестира во Република Македонија од каде што ќе произлезе производ или интерес којшто ќе има влијание и на регионалните и на глобалните текови од Република Македонија, секако во интерес на главните инвеститори од источниот блок“, вели Гуштеров.

По санкциите од западот кон Русија, беше запрена изградбата на проектот Јужен тек, затоа што ЕУ смета дека со тоа ќе се зголеми и политичкото влијание на Русија во регионот, но и во Европа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG