Достапни линкови

Маршал Тито во Охрид заминува во историјата


Името на градскиот кеј Маршал Тито во Охрид заминува во историјата. Кејот во иднина ќе го носи името Македонија.

По повеќе од 30 години, името Маршал Тито на градскиот кеј во Охрид оди во историјата. Ќе биде заменето со новото име Македонија за кое советниците треба да дадат зелено светло на првата наредна седница деновиве. Жаклина Лазареска, советничка од СДСМ, вели дека граѓаните на Охрид воопшто не биле прашани за мислење и оти целата постапка била спроведена набрзина без да ги помине неопходните процедури пред за неа да гласа советот.

Немам против зборот Македонија, за мене сè е Македонија, но целата постапка е премногу кратка. Не треба вакви крупни работи да се решаваат во канцеларии меѓу затворен круг на луѓе, туку пошироко и граѓаните за тоа да одлучат.
Жаклина Лазареска, советничка од СДСМ во Советот на Општина Охрид.
Седница на Советот на Општина Охрид.
Седница на Советот на Општина Охрид.

„Ако ние не ги прашаме граѓаните за нашето одлучување, а ги вградиме своите лични ставови и ставовите на нашите партии од кои произлегуваме тогаш ништо нема да не сопре да направиме промени какви што беа направени промените на плоштадот во Скопје, Скопје 2014, а без притоа да се прашаат граѓаните дали сакаат таков плоштад или не. Немам против зборот Македонија, за мене сè е Македонија, но целата постапка е премногу кратка. Не треба вакви крупни работи да се решаваат во канцеларии меѓу затворен круг на луѓе, туку пошироко и граѓаните за тоа да одлучат. Македонија нема некои лоши историски моменти кои се поврзани со ова име“, вели Лазареска.

Од секојдневните контакти кои ги имавме со граѓаните, промената на Кеј Маршал Тито во Кеј Македонија има голема поддршка.
Илија Арнаудоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Охрид.

Таа вели дека промената на името ќе повлече нови реперкусии за граѓаните кои живеат во тој дел на Охрид во делот на неопходната промена на личните документи.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека непотребна била промената на името на градскиот кеј.

„Нема потреба од менување, се знае зошто“, вели граѓанин на Охрид.

„Нема потреба да менува името бидејќи сме живеле во социјализам. Никогаш не би го сменил името. Тој е светски великан кој беше почитуван од целиот свет и треба да остане тоа име, како спомен за генерациите. Ние сме живееле многу убаво тогаш. Сме се школувале, завршивме училиште“, вели еден граѓанин.

„Треба да остане тоа име, затоа што тогаш не ни беше лош животот. Јас подобро живеев, за другите не знам. Имињата на некои улици треба да се променат. Има некои улици кои треба да се променат“, вели жителка на Охрид.

Илија Арнаудоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со став за ваквата нивна одлука.

„Сметаме дека ваквата одлука за кејот е добра бидејќи досегашното име ја има изгубено комплетната важност за градот. Во јавноста проструија информации дека не е запазена законската процедура, дека нема јавна анкета и дека промената ќе била на трошок на граѓаните. Пуштањето на овие информации во јавноста од страна на некои политички субјекти е смислено и е со цел целиот овој процес да се исполитизира, да се дезинформира јавноста и да се ќари некој политички поен. Од секојдневните контакти кои ги имавме со граѓаните, промената на Кеј Маршал Тито во Кеј Македонија има голема поддршка. Граѓаните исто така нема да се изложат на трошоци по промената на името, бидејќи граѓаните ќе немаат промена на личните документи и промената ќе биде направена по истекот на нивната важност“, рече Арнаудоски.

XS
SM
MD
LG