Достапни линкови

Хибридни режими во „името на народот“


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Што се буните, што сакате? Па зарем не гледате дека тоа е за ваше добро, за ваша заштита. Ние ве штитиме од злото што можат да ви го направат внатрешниот и надворешниот непријател. Гледајте - нашите закони се исти како оние на Запад. Нашата цел е праведна, нашите мерки се демократски. Многу често вака звучат пораките од модерните хибридни режими, како што ги нарече Фридом Хаус, од рускиот север, турскиот исток и балканскиот, демек Запад.

Летав кон Истанбул, ден по големата победа на Реџеп Таип Ердоган, и неколку дена по веста за неговиот испад со новинарка на весниците Тараф и Економист, Амберин Заман која ја нарече бесрамна новинарка велејќи дека не знае каде и е местото.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Стамбол, Босфор, убаини. Цареви и султани, хареми, цркви и џамии. И умот лета низ историјата прочитана, од оние што ја напишале, за војни и мир, за суровост и милост на царштината. Турција е голема и е регионална сила од огромно стратегиско значење за уште поголемите светски играчи. Елем, премиерот Реџеп Таип Ердоган и натаму ќе владее во Турција. Овој пат како претседател.

Браќа, ова го велам од срце - Ајде денеска да почнеме нов период на социјално помирување и да ги оставиме старите расправии во старата Турција. Денеска е роденден за Турција. Таа повторно се роди од пепелот.
Реџеп Таип Ердоган, новоизбран претседател на Турција.

„Браќа, ова го велам од срце - Ајде денеска да почнеме нов период на социјално помирување и да ги оставиме старите расправии во старата Турција. Денеска е роденден за Турција. Таа повторно се роди од пепелот“, порача Ердоган во победничкиот говор од балконот на седиштето на неговата партија во Анкара.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Сакате да поставите барања? Во ред. Поставете разумни барања и јас ветувам дека како гарнитура сме спремни разумните барања да ги прифатиме.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

​Ердоган, како и нему сличните, во Русија, Белорусија, Македонија, демек остварува „чисти“ изборни победи, практицирајќи власт со водени топови и солзавец, со грицкање на демократијата, со крадење на интернет слободата, затворање новинари и опозиционери. Од турската демократија на Кемал Ататурк, Ердоган направи силна партиска држава со верска идеологија. За победата на Ердоган, се знаеше уште пред изборите и да бидат организирани. Никој немаше сомнеж во неговата победа. Сомнеж и не може да има кога под контрола се има полицијата, судството и медиумите, а како и моќната турска армија, некогашен гарант на секуларна Турција. Некои „навивачи“ во Македонија, денови пред изборниот ден во Турција воскликнуваа дека Реџеп Таип Ердоган е доказ оти со реформи, труд и работа се добиваат избори и сто пати по ред, а тоа ја натерало и турската опозиција да се опамети. Демек алудираат на Никола Груевски и на оваа нашава, македонскава опозиција, на која ум не и иде!? Што би рекол премиерот Никола Груевски – поставете разумни барања.

„Сакате да поставите барања? Во ред. Поставете разумни барања и јас ветувам дека како гарнитура сме спремни разумните барања да ги прифатиме“, рече Груевски во илинденскиот говор на Пелинце.

Ние пензионерите на скијање на Шапка бевме, само немаме скии, сега ќе одиме со возот. Тоа се варки, без потреба гласови се купуваат.
Анкетиран граѓанин.

Е, сега, кој што подразбира под разумни барања, е друго, односно клучно прашање.

Сличности има, како штo, нели, има и разлика

Голем дел од богатството на Турција се наоѓа во рацете на малкумина, додека поголемиот дел од населението живее сиромашно и не живее како што ние мислиме дека живее.
Лидија Димова, СДСМ.

Економски реформи прават и едните и другите. Некои се успешни, некои не. Разликата на економски план е што Ердоган во добар дел успеа да ја дигне Турција, да ја направи мало чудо, иако во многу случаи за сметка на работниците и рударите. Во Македонија пак, економскиот развој ни оддалеку не е задоволителен, иако владата преку нејзините медиуми секој ден нè уверува дека сме „први у свет - скоро у сè", а брдо пари потроши за непродуктивни или полупродуктивни цели. Турскиот развој е далеку поодржлив од македонскиот, кој може да пукне како меур од сапуница поради големата внатрешна и надворешна задолженост и немањето капацитет за враќање на долговите. О, пардон! И се извинувам на владата, медиумите и гувернерот, која ова го негира речиси секојдневно.

Илустрација.
Илустрација.

Такви работи како што има во Турција во однос на човековите права и во однос на слободата на печатот, има и во Европската унија и тоа не е проблем при прием на една земја.
Благој Зашов, поранешен дипломат.

Нејсе, наслушнувајќи дека нешто не е в ред со државната каса, пензионерите потрчаа до банките испаничени во средата на 6 август. Се рашири вознемирувачки глас од банкарските шалтери дека Фондот не префрлил пари. Како да не му веруваа на гувернерот на Народната банка – Димитар Богов, кој во врска со објавен јавниот долг порача дека нема место за паника и оти ја има контролата. А тој, според официјалните податоци од Меѓународниот монетарен фонд, изнесува 44,8 проценти од бруто домашниот производ без најновото задолжување од 500 милиони евра!

Но, тоа е таа логика дека кога сме најдобри - најдобри сме, и тука џабе е секој муабет. Кога ќе снема плати за напумпаната администрација и пензионерите од кои зависат синовите, ќерките и внуците, тогаш... а што тогаш? Па ќе го обвиниме „циклонот“ Бранко или некој Зајко дека тивко ноќе се прикрале го испразниле трезорот. Сепак, бељата ќе биде беља па макар 24/7 бесплатен градски, меѓуградски, копнен, воздушен и поморски сообраќај за сите пензионери, студенти и социјалци. И струјата и бензинот без пари да биде се тогаш за џабе ќе биде.

„Власта од каде има, ако не од народот, од каде е власта.“

„Ние пензионерите на скијање на Шапка бевме, само немаме скии, сега ќе одиме со возот. Тоа се варки, без потреба гласови се купуваат.“

„Ние, народот го плаќа, кој може да го плаќа“, велат анкетираните граѓани.

Нејсе, најголемите режимски сличности за кои поддржувачите на власта си молчат, лежат во начинот на владеење. По ист терк, во „името на народот“, денешните модерни режими носат одлуки, мерки, закони со кои ги ограничуваат човековите права и слободи и го кочат слободниот развој на општеството. Во името на заштитата на „здравата“ нација се ограничува слободата на интернет, се предлагаат закони за абортуси, мерки за враќање кон таканаречени христијански или исламски вредности кои во суштина немаат врска со вистинската традиција на христијанството и исламот. Државите станаа главни контролори на животот и го перат мозокот на престрашените и осиромашени луѓе.

Притоа си усовршија модел на државно оцрнување на политичките противници, секој протест го задушија со контра - протест, секој критички медиум го прогласија за предавнички. Секој кој не мисли како нив е осуден на пропаст во сите сфери на општественото живеење. И фрлија луѓе по затворите, колку за пример, да им држат страв на другите.

Во сето ова одлично се вклопува и ЕУ. Нејзината повеќедецениска нерешителност да ги прими Турција и Македонија им даде муниција на таканаречените конзервативци да воспостават транзициски влади - хибридни режими, според оценките на Фридом Хаус. Ердоган веќе и не се сакалдисува толку на Унијата, а тој и Груевскиу, пак, како да ја користат големата грешка на Унијата за перење на мозокот на народот за свои лични агенди, вели Лидија Димова од Советот за ЕУ интеграции на СДСМ.

„Голем дел од богатството на Турција се наоѓа во рацете на малкумина, додека поголемиот дел од населението живее сиромашно и не живее како што ние мислиме дека живее. Тој начин на развој е спротивен на Европска унија. Ние се движиме во слична насока. Кај нас раслојувањето во државата е подеднакво какво што е и во Турција, и кај нас богатството на целата држава се наоѓа во рацете на неколкумина. Значи не се само човековите права во прашање, туку се работи за начин на владеење, кој што го угушува поголемиот број на граѓани“, вели Димова.

Меѓутоа, поранешниот дипломат Благој Зашов во врска со посочувањата дека и во случајот на Турција и на Македонија ЕУ интеграциите се злоупотребени од владејачките структури, вели дека тоа не е пречка за членство.

„Такви работи како што има во Турција во однос на човековите права и во однос на слободата на печатот, има и во Европската унија и тоа не е проблем при прием на една земја, особено што многу често политички се одлучува за приемот на земјата, со тоа што кога ќе влезе во ЕУ мора да ги почитува стандардите од Унијата“, вели Зашов.

И сè во името на слободата и демократијата

Турскиот премиер Реџеп Ердоган, правдајќи го она што демонстрантите го нарекоа ограничување на слободата на интернетот, изјави дека донесените мерки го прават всушност интернетот побезбеден и послободен. Тие се демек, исти како во некои развиени земји.

Станува збор за класично спинување, злоупотреба на вистината, како што секојдневно ја прават и перачите на мозок во Македонија преку фирмите со нејасна структура на Кипар, Белизе, Кајмански и какви ли се не острови од другиот крај на светот.

И власта во Македонија си донесе закон за медиуми без поддршка на медиумите, новинарите. Си направија здружение за да го изиграат она постарото Здружение. Како што си прават и медиуми и опозиција, по свој терк.

Власта, пак, си тера реклами за да го потсети народот што правела опозицијата пред 7 и повеќе години, а владејачките партии не кажуваат колку се и од каде ѝ се парите. Згора на сè, Премиерот ќе нè учел и како да да јадеме и пиеме, ама ЗДРАВО!

Во меѓувреме, партијата станува помоќна и од државата, а приказни со бајковидни димензии се раскажуваат, онака интимно, за богатството на нејзините челници и државни функционери.

И сите молкум се согласуваат со сè и сешто. Банките отпишуваат долгови за сиромасите, по апелот на премиерот. Владата им нареди на приватниците да платат К-15, а таа самата не им исплаќа на своите над 200 илјади административци. Сите се сложни, никој ни да гукне јавно за да не го изеде темницата. Се зборува тивко, дури и во кафеана. Да не чуе злото. Истите оние кои се топорат јавно и поддржуваат се што ќе каже премиерот, онака приватно се правдаат дека „така мораат за се преживеат овие невремиња“.

И така, во „името на народот“ денешните модерни хибридни режими, како што ги нарече Фридом Хаус, ги правдаат одлуките, мерките, законите со кои ги ограничуваат човековите права и слободи и го кочат слободниот развој на општеството. И тоа си е така.

За среќа историјата нè учи дека се си има свој почеток и крај.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG