Достапни линкови

Лошите економски политики доведоа до ребаланс


Ребалансот на буџетот кој владата го нарекува мини корекција, според економистите е резултат на тоа што се троши повеќе од она што можеме да си дозволиме.

Владата објасни дека зголемувањето на средствата во буџетот со мини ребалансот не е заради порастот на платите, пензиите или социјалната помош, туку заради забрзување на градбата на автопатот кон Гевгелија, но економистите сметаат дека тој е последица на лошите економски политики. Владата знаеше дека ќе има избори и потроши многу повеќе пари од планираното, вели економскиот аналитичар Зоран Витанов.

Сега ние, целата нација, ќе плаќаме поради тоа што прават политика од денеска за утре. Луѓето се условно кажано купувани, но на долг рок сето тоа нè води во една голема финансиска неликвидност.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

„Ребалансот се прави поради, јас така ги нарекувам, купените гласови за избори, бидејќи се знае дека на изборите најмногу гласаат пензионерите и административците, затоа што директно зависат од владата и практично сега ние, целата нација, ќе плаќаме поради тоа што прават политика од денеска за утре. Луѓето се условно кажано купувани, но на долг рок сето тоа нè води во една голема финансиска неликвидност“, вели Витанов.

Ребалансот кој го усвои владата изнесува околу 2 отсто од вкупните приходи и расходи. Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека ребалансот се прави за да се усогласи реализацијата на расходите со приходите. Министерот тврди дека и покрај зголемувањето на минусното салдо на буџетската сметка Македонија и понатаму ќе остане во зоната на финансиска стабилност и ќе се обезбеди непречено реализирање на сите предвидени проекти во програмата.

Трошиме, сакаме да направиме нешто повеќе за многу кратко време, а мислам дека сепак не сме во можност тоа да го направиме.
Марија Зарезанкова-Потевска, универзитетски професор.

Зоран Витанов вели дека може да се прави ребаланс и да се земаат нови кредити, но дека тоа што денес се случува ќе го плаќаат децата на оние што денес добиле покачена плата и дополнува дека Македонија влегува во се поголема задолженост.

„Замислете дека денеска ние веќе не можеме да го преживееме месецот со платите што ги добиваме и земаме кредити, се задолжуваме, тоа значи дека трошиме повеќе од што заработуваме за денеска да преживееме“, вели Витанов.

Ребалансот владата го нарекува мини корекција. Професор Марија Зарезанкова Потевска вели дека ребалансот на буџетот се прави затоа што се троши повеќе од она што можеме да си дозволиме.

„Трошиме, сакаме да направиме нешто повеќе за многу кратко време, а мислам дека сепак не сме во можност тоа да го направиме. Факт е дека платите ако се зголемат, ако не постои соодветен раст, тогаш е прашање на ребаланс, значи мора да биде поткрепено со поголем раст“, вели Зарезанкова-Потевска.

Таа дополнува дека треба да се направат приоритети и тоа да се финансира за да нема големи дупки во буџетот. Годинава буџетскиот минус изнесува 315 милиони евра, иако се планираше тој да изнесува 297 милиони.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG