Достапни линкови

Владата забрзано троши повеќе од предвиденото


Во првите четири месеци од оваа година, владата потрошила скоро 200 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки. Тоа значи дека за една третина од годината се потрошени две третини од планираниот буџетски дефицит.

Во првите четири месеци од годинава владата потроши две третини од предвидениот буџетски дефицит за целата година. Власта тврди дека ќе се задржи на предвиденото до крајот на годината и оти за два месеци ќе направи проценка дали е потребен ребаланс на буџетот, а опозицијата не верува во тоа и стравува од зголемување на задолжувањето.
Некаде во септември ќе има ребаланс и тогаш ќе се зголеми дефицитот од планираниот, а владата тоа ќе го толкува со некои тогашни измислици, било тешко ова, било тешко она, криза, опозицијата е крива, не знам кој сè ќе биде крив, така што нема да го имаме тој буџетски дефицит, туку ќе биде поголем.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.


Според извештајот на Министерството за финансии, во првите четири месеци од оваа година, владата потрошила скоро 200 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки. Тоа значи дека за една третина од годината се потрошени две третини од вкупниот буџетски дефицит од 297 милиони евра, односно 3,5 отсто од БДП-то, предвиден да се направи во целата година.


Потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, не верува дека владата ќе се задржи на предвидениот дефицит, не затоа што тоа не е можно, туку зашто владата нема намера да ги намали трошењата. Истото ни се случува и во претходните неколку години, вели тој.

„Некаде во септември ќе има ребаланс и тогаш ќе се зголеми дефицитот од планираниот, а владата тоа ќе го толкува со некои тогашни измислици, било тешко ова, било тешко она, криза, опозицијата е крива, не знам кој сè ќе биде крив, така што нема да го имаме тој буџетски дефицит, туку ќе биде поголем. Тој ќе се финансира како и досега – со задолжување и дома и во странство“, вели Узунов.
Сметам дека е сè уште рано да се каже дали ќе имаме потреба од ребаланс, ќе почекаме уште месец, два и некаде кон средината на годината ќе процениме дали има потреба и ако има потреба – колкава потреба има за ребаланс и колкав ребаланс би се правел.
Зоран Ставрески, Вицепремиер и министер за финансии.


Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вели дека поголем буџетски дефицит во првата третина од годината е направен поради сезонски фактори, како што се исплаќањето на субвенциите и исплаќањето на капиталните расходи. Тој смета дека владата нема да го надмине проектираниот дефицит за годината.

„Во останатиот дел од годината во однос на субвенциите, бидејќи веќе сме исплатиле повисок износ на почетокот на годината, сега ќе имаме помали исплати. Сметам дека е сè уште рано да се каже дали ќе имаме потреба од ребаланс, ќе почекаме уште месец, два и некаде кон средината на годината ќе процениме дали има потреба и ако има потреба – колкава потреба има за ребаланс и колкав ребаланс би се правел“, изјави Ставрески.

Доерте Доемеланд од канцеларијата на Светска банка во Македонија пред неколку дена рече дека владата сè уште има можност да се задржи на проектираниот дефицит до крајот на годината.

„Сметаме дека оваа голема истоштеност на буџетот е предизвикана од еднократни фактори, како понискиот степен на наплата на ДДВ. Владата во буџетот за 2014 година претстави буџетски дефицит од 3,5 отсто. Ова е таргет со кој ќе се стабилизира владиниот долг. Мислам дека постигнувањето такво ниво на буџетски дефицит е важно за да се одржи стабилноста на долгот на Владата, но има уште многу до крајот на годината така што Владата има време да ја постигне таа цел, изјави Доемеланд.

За годинава Владата прокетираше буџетски дефицит од 3,5 отсто додека според прогнозите на Европската комисија тој ќе изнесува 4,2 отсто од БДП.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG